Не е првпат да зборуваме за проблемот со преименувањето на улици и училишта со имињата на личности кои не се залагале за растеж на Македонија, туку на Косово или Албанија или пак кои се бореле, некои од нив и со оружје, за обединување на „албанските земји“. Преименувањето на улицата “Втора македонска ударна бригада“ во улица “Адем Демачи“ е само една од 66-те чаирски улици од списокот за преименувања.
Славната Втора македонска бригада има значајно место во историјата за ослободување на Македонија, како и во борбите за поразување и бркање на фашистичките војски во Југославија. Оваа бригада од 480 партизани во борбите загубила 300 борци, најмногу на Сремскиот фронт.
Пред пристигнувањето на косовскиот премиер Аљбин Курти како почесен гостин за откривање на новото име на улицата, Црвената младина од партијата Левица на истата улица во Чаир ги постави имињата на сите загинати борци од Втората македонска бригада.
„Улицата која ги славеше оние кои го дадоа животот во борба со фашистичкиот бугарски окупатор од денеска ќе го слави Адем Демачи, сепаратист од Југославија и борец за Голема Албанија и независност на Косово, неколку пати осудуван на затворска казна во Југославија.
Нека им бодат очи овие имиња на оние кои ќе бидат на свеченоста по повод преименувањето на оваа улица, а на оние кои донесеоа ваква одлука, да знаат дека македонскиот народ не им заборава и простува.
Денес го бришат споменот од улиците, парковите, спомениците, утре ќе посегнат и по учебниците и нашата историја. Македонски народе, доста беше, разбуди се, свести се, не спиј ти! Смрт на фашизмот, слобода на народот“, се вели во соопштението на Левица.

На 30 март 2021 година мнозинството од Советот на Град Скопје гласаше за листата за промена на имиња на улици, мостови и плоштади – 485 вкупно на број. Тогашниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов и неговите сопартијци советници од СДСМ главно беа концентрирани на враќање на старите имиња на улиците кои во претходниот мандат беа променети од советниците на ВМРО-ДПМНЕ. Ама за советниците од партиите на Албанците во Македонија ова беше добра можност албански историски личности и настани да добијат свои улици и плоштади. На промената на имињата тогаш се спротивставија советниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои ја напуштија седницата и најавија дека по судски пат ќе ја укинат донесената одлука на градските советници.
На листата нови имиња се наоѓаа: Хасан Приштина, Беким Фехмиу, Ибрахим Ругова, Мајка Тереза, Мехмед Али Хоџа, Фахри Фазлиу, Жртвите на Блаце, Фаик Коница, Дервиш Цара, Ѓон Бозуку, Ласгуш Порадеци, Гани Груби, Иса Болетини, Ибрахим Кроси…
Во општината Чаир веќе неколку од улиците се со новите имиња, некои и балисти кои всушност се бореле против Македонија, како на пример балистот Сул Хотла кој се борел за обединување на „албанските земји“, а за време на бугарската окупација се борел против партизаните соработувајќи со бугарските фашистички власти. Улицата “Лазар Танев“ беше преименувана во “Ушкин Хоти“, а Танев беше борец за слобода на Македонија, социјалист, борец за еднаквост на граѓаните и социјална правда, беше првиот скопски градоначалник по ослободувањето на Македонија. Ушкин Хоти пак, животот го посветил на идејата за осамостојување на Косово, односно во прво време за Косово Република, тогаш во рамките на Југославија, но подоцна се залагал и за обединета Албанија (голема Албанија) и се залагал за создавање на вооружени сили. Улица во Чаир доби и првиот претседател на Косово Ибрахим Ругова. Ако денеска за Адем Демачи присуствува Аљбин Курти, на свеченоста во спомен на Ругова беше присутна косовската претседателка Вјоса Османи. Улица доби и првиот албански премиер Исмаил Ќемали заради што името на Благоја Паровиќ, интернационален револуционер и антифашист беше избришано.
Проф. д-р Катерина Тодороска од Институтот за македонска историја за порталот “МКД.мк“ го постави прашањето: зошто реализаторите на оваа идеја не биле дораснати на делата на истакнати дејци Албанци од Македонија, познати и во светот, како на пример, на ликот и делото на академик Луан Старова. Одговорот на сите ни е извесен: сите нови имиња на улици од значење на албанската заедница се ликови со политичка активност која водела кон обединување на Албанците на Балканот – со други зборови за Голема Албанија. Исто како што кога ќе дојде ред да се именува нешто според Али Ахмети ќе речат дека “го посветил животот за албанската кауза“.
А кој бил Адем Демачи (Демаќи)? Освен што во еден период од својот живот Косовецот Адем Демачи студирал во Скопје, практично нема ништо допирно со Македонија.
се согалсува дека Адем Демачи нема допирни точки со Македонија за да добие посебна чест. Тој може да е важна личност за Косовците, а секако и за косовскиот премиер Аљбин Курти.
– Адем Демачи е писател и политичар од Косово, кој своето образование го стекнал во Приштина, Скопје и Белград. Во СФРЈ повеќепати бил затворан поради неговите радикални ставови во врска со албанското прашање во Косово и Метохија, поради што се здобил со голем углед сред албанското населние на Косово. Тој бил раководител на политичкото крило на ОВК, учествувал на преговори во Франција каде очекувал дека ќе се дадат гаранции за независноста на Косово, а откако тоа не се случило Демачи поднел оставка од ОВК. Подоцна, политички се активирал во движењето Самоопределување на Аљбин Курти. Починал во 2018 година во Приштина каде бил погребан со сите почести. Вака гледајќи Демачи нема ништо допирно со Македонија“, вели проф. д-р Катерина Тодороска, чија научна област на истражување од историјата се Македонско-албанските врски и Македонската историографија.
Таа вели дека Македонија всушност има свои Албанци кои дале придонес за државата и народот.
– Доколку сакате да покажете дека некој косовски деец е поважен од вашите, тогаш ваквиот потег е разбирлив. Иницијаторите и реализаторите на оваа идеја не биле дораснати на пример, на ликот и делото на академик Луан Старова, па одбрале име кое во моментов им делува соодветно за одржување на тензиите и споменот на ОВК на Косово и во Македонија, вели Тодороска.
Притоа, таа нагласува дека со вакви чекори носителите на такви идеи прават само обиди да се прикажат како фактори на албанската кауза, но всушност предизвикуваат раздор во општеството.
– Немајќи друг начин да се покажат како поголеми Албанци од учените и ценети Албанци, кои живееле и твореле во Македонија, решиле по кој знае кој пат да глумат “заштитници“ на албанската кауза во Македонија. Во таа насока, претпоставувам, е и присуството на Курти на преименувањето на улицата “Втора македонска бригада“ со име на негов соработник. И доколку улицата беше новопроектирана и новоизградена во интерес на граѓаните кои живеат на неа, именувана со косовски писател и политичар, можеби ќе беше и разбирливо присуството на косовски претставник на чинот на отворањето на улицата, вака сето ова е само фрлање пепел во очите на албанските граѓани и предизвикување на горчина кај останатите граѓани од улицата. А можеби тоа е и целта на ваквиот чин, ако се раководат од римската “раздели, па владеј“, вели проф. д-р Катерина Тодороска.