Јан Оберг: Драга Македонијо, не ги ставај сите јајца во една кошница, почни да чекориш со две нозе

Драга Македонијо, и останатите од бивша Југославија, не ги ставајте сите јајца во една кошница, особено не во НАТО и ЕУ. Најлошото што можете да го направите сега е да станете уште позависни и несуверени кон Брисел и Вашингтон. Почнете да чекорите на две нозе: пријателски, кооперативно, но не и зависно од Западот и со развивање на сите односи што можете со „остатокот од светот“ – Русија, Индија, Кина…, вели во интервјуто за “МКД.мк“ и “Республика“ светски познатиот професор Јан Оберг, угледен мировен истражувач, медијатор и коментатор, познат уметнички фотограф, Данец што живее во Шведска.

Професорот Оберг долго време го следеше распадот на Југославија, а во некои од тие фази беше и директно инволвиран во обидите за мирен расплет на војната во поранешната држава. Премногу оружје и премалку ум, а за неправдата кон Македонија и да не зборувам…, вели денес д-р Јан Оберг, директор на Транснационалната фондација за мировни истражувања (ТФФ) со седиште во Лунд, Шведска.

Деновиве тој е во Македонија и како рецезент на книгата на професорката Билјана Ванковска „Членството во НАТО: на линијата на фронтот”. Пренесуваме дел од интервјуто.

Во целиот хаос на Балканот, како ја оценувате улогата на НАТО и ЕУ? Дали верувате дека постои кредибилна европска перспектива за регионот?

– Не баш! Луѓето што живеат во овој регион ќе треба да се здружат по различни прашања на различни полиња и на различни нивоа за да живеат слободно и да избегнат да бидат повлечени во опаѓањето и падот на Западот. Најлошото што можете да го направите сега е да станете уште позависни и несуверени кон Брисел и Вашингтон. Наместо да почнете да чекорите на две нозе: пријателски, кооперативно, но не и зависно од Западот и со развивање на сите односи што можете со „остатокот од светот“ – Русија, Индија, Иран, Кина…

Под услов човештвото да ги преживее следните две децении, иднината на светот ќе биде целосно мултиполарна, кооперативна и глобализирана, и под никакви услови нема да биде водена од една земја. Во „културните гени“ на Кинезите нема империјалистички амбиции или цивилизирачки мисии. Тие ги прават нештата на поинаков начин, ќе продолжат да го прават тоа и нема да се „вестернизираат“. Но за да се случи тоа на Балканот (како и насекаде во светот) потребна е гласност и перестројка и демократска и културна пролет. Добриот живот не е поврзан со војската, консумеризмот и материјализмот, туку со културата и менталниот и интелектуален раст, чиј квалитет не знае граници, што не е вистина за материјализмот. Ако не го признаеме и прифатиме ова, мајката природа ќе нè потсети, што порано толку подобро.

Лидерите на Србија, Албанија и Македонија се согласија околу иницијативата на т.н. мини-Шенген (или Отворен Балкан). Дали мислите дека таа би можела да биде успешна и во состојба да ги привлече Косово и БиХ, особено ако се имаат предвид силното спротивставување на Приштина и внатрешните поделби во Сараево? Дали Отворениот Балкан може да биде утешна награда или полноправното членство во ЕУ останува главна цел на среден или долг рок?

– Јас лично сум за отворени граници. Всушност, иднината на светот не е во поредок заснован на држави и граници. Мислам дека регионите и културите ќе станат многу поважни. Сепак, вашето прашање претпоставува дека ЕУ ќе постои долго, а јас не сум убеден во тоа. Гледам многу пукнатини на лакот со кој е премачкана површината. На пример, тоталната неспособност да се справат со бегалската криза во 2015 година, и тоа од војните во кои беа инволвирани членките на ЕУ. Потоа засрамувачкото отсуство на единствен одговор на корона-кризата (се сеќавате како Русија и Кина им помагаа на Италијанците?). И најлошо од сè, неспособноста да се развијат алтернативи на американските политики под Трамп и сега Бајден. Во ЕУ не постои консолидирано и долгорочно стратегиско размислување за прашањата како што се Кина, Русија и Иран (во однос на последнава земја прифатија дека секундарните санкции на САД се применуваат и на нив и дека американското право ги води банките и компаниите од ЕУ). Сето ова покажува слика што е далеку од импресивна, зар не? Оттука мојата порака: драга Македонијо (и останатите од бивша Југославија), не ги ставајте сите јајца во една кошница, особено не во НАТО и ЕУ.

Светот е сведок на брзи промени во последните три децении, како и на драматични промени во односите на моќта на глобален план. Како би требало да се однесуваат малите држави како Македонија во таквиот свет? До овој момент, македонските елити (и од власта и од опозицијата) единствено се свртени кон Западот (како што вицепремиерот Артан Груби неодамна изјавил – „нашето сонце изгрева на Запад“).

Дали е ова мудро стратегиско размислување?

– Видете, повеќето од нас мислат дека сонцето заоѓа на Запад (насмевка). Мислам дека сведочиме на современа и сложена, не механичка, верзија на предвидувањето од пред речиси еден век во „Падот на Западот“ (Untergang des Abendlandes) на Освалд Спенглер. Тоа е прилично разумна позиција во смисла дека сите империи паѓаат, порано или подоцна, со трескот или лелек. Ниту една империја не траела вечно, како што знаете. А сега има доволно индикатори дека американската империја ќе го следи примерот на Римската, Отоманската, Британската и Советската.

Овој век дефинитивно нема да биде американски век. Кога станува збор за индикаторите за ова тврдење, тука се економските, па потоа отсуството на легитимитет во очите на другите, претераното проширување на зафатот на империјата и огромните проблеми со менаџирањето, како што веќе видовме во Авганистан. И како што веќе нагласив, апсурдниот милитаризам е практично единствената причина за релативниот пад на САД и скорашниот пораз како светски лидер. Сепак би додал уште еден индикатор, кој неретко се запоставува: отсуството на долгорочна визија! Прашајте кој било од државниците на Западот како ја гледаат својата земја за 30-50 години од сега. И ќе видите дека немаат ништо интересно да кажат!

Спаднавме на визија за максимум 4 години во рамките на изборните циклуси, а така не може да се води светот, без идеја за тоа што следува наредната недела или подолго од четирите години. Така можете само да се провлекувате – а тоа не е одржливо решение. Жалам што морам да го нагласам она што е очигледно од едноставна макроисториска перспектива.

Да, постојат и паралелни фактори што водат до опаѓањето на Западот: растот на другите. Откако падна на коленици во 1989 година, Русија (сосема очекувано како земја со огромна територија и ресурси) е во подем. Спротивно на она што Западот сака да го мислите, вистината е дека таа троши само 8% од она што го троши НАТО, што е разумно и не претерано милитантно за разлика од САД.

Освен тоа, тука се новите регионални организации како Организацијата за шангајска соработка, а се разбира и подемот на Кина од екстремната сиромаштија што владееше пред само 30-40 години. Ова е најневеројатната приказна на современата историја, но Западот не гледа подалеку од носот. Сакам да додадам дека Кина нема да се развива во империјална форма: тие не се толку глупави да мислат дека нивниот систем треба да биде прифатен насекаде, што е христијанско мисионерска болест. И многу поважно, тие не сакаат другите да бидат како нив, тие сакаат да останат уникатни. Затоа, тие не доаѓаат со библија в раце, односно со Конфучие, будизмот, таоизмот или еднопартиското решение, и не доаѓаат со меч в раце, со промена на режим со инфилтрација на насилство, војна и воени бази. Оваа огромна земја има само една база надвор од својата територија, додека САД одржуваат околу 800 бази во преку 130 земји, и покрај опаѓачката економија. Наместо игнорирање или осуда на Кина, мудар е пристапот што се засновува на љубопитство, обид да се разбере поширокиот свет и да се соработува со сите страни, а не само со системот на САД/НАТО. Ако не го сторите тоа, наликувате на луѓе што се забавуваат во ресторанот на Титаник…

Дали може да се извлечат некои важни научени лекции од стратегиите на скандинавските земји и генерално од северот на Европа, особено во поглед на безбедносните стратегии и алијанси?

– И да и не. Луѓето во тој поголем регион (околу 25-30 милиони) историски си ги ваделе очите и се убивале, а денес немаат меѓусебни нерешени прашања што би воделе до воени судири. Во споредба со состојбите на меѓународен план, Скандинавија сè уште е добро место за живеење. Но успешноста на домашен и меѓународен план веќе е минато. Норвешка и Данска стануваат сè попокорни во поглед на безбедносната политика, главно извршуваат наредби од Вашингтон учествувајќи од една американска војна во друга.

Бев член на експертската комисија на данската влада во 80-тите, кога никој не можеше ни да помисли дека таа малечка земја некогаш би војувала и учествувала во бомбардирање. Но оттогаш таа се вклучи во бомбардирањето на Србија, па Авганистан, Ирак, Либија и Сирија. Според мене, сосема го изгуби моралниот компас. Шведска имаше горда традиција на неутралност, на независно истражување и развивање доктрина, ангажман во рамките на ОН…

А сега? За сите практични цели таа практично е членка на НАТО, случување што се одвива зад грбот на народот и под нечесен слоган „ако веќе сме свршеници, зошто да не се земеме?“.

Останати вести