Жителите на ресенското село Љубојно две седмици се на барикадите, блокирајќи го патот кон шумата каде што концесионерот „ДИБА Трејд“ од Косел врши сеча по договор со ЈП „Национални шуми“. Поради блокадата концесионерот моментно нема пристап до теренот.
– Камионите не поминаа и нема да поминат. Остануваме тука додека постои опасност да продолжи сечата, велат мештаните.
Тие претходно истурија и песок на патот, поради што две лица добија казни од полицијата – по 600 евра.
На локалните мештани веќе им се приклучија и активисти од цела Македонија. Барањето е јасно: да се стопира најавениот „голосек“ — целосно сечење на дабовата шума на означени парцели – над селото.
Мештаните посочија дека ги почувствувале првите последици: по поројниот дожд пред неколку дена, водата се слеа низ голите падини и го поплави центарот на селото.
– Огромна количина вода се слеа кон селото и го зафати просторот околу продавницата. Она што до вчера беше шумска почва што ја впиваше и задржуваше водата, денес е гол терен кој дозволува неконтролирано надоаѓање на порој. Ситуацијата е алармантна – со секое ново сечење ја губиме природната заштита, а наместо шума, добиваме поплави и ризик по безбедноста на луѓето, велат жителите.
Дополнителна штета има и од тешките камиони – на две места веќе се оштети водоводната мрежа.
– Кој ќе ја надомести штетата?, прашуваат локалните жители.
Од друга страна Шумската полиција и претставници на ЈП „Национални шуми“ тврдат дека сечата е легална и се спроведува според важечки планови. Станувало збор за регуларна сеча на нискостеблест даб во оддели 29 и 30 на шумско-стопанската единица Пелистер – Брајчино. Концесионерот „ДИБА Трејд“ на 25 мај добил тендер за „изградба и реконструкција на меки шумски патишта и превоз со утовар/истоварање на дрвни сортименти“. За една година, само на двете наведени парцели, има дозвола за над 4.000 м3 дрвна маса, а важечкиот десетгодишен план за сеча на овој реон е до 2033 година.
Мештаните стравуваат дека „ова е само почеток“ и бараат јавно да се објави целокупниот обем на зафатите, со паралелна хидролошка и ерозивна студија и ревизија на ризиците за населбата.
Покрај Љубојно, жителите сведочат за засилена сеча и во делови со кои стопанисува Национален парк „Пелистер“, при што, како што тврдат, по патиштата редовно се движат повеќетонски камиони натоварени со исечена бука. Блокадите, велат, ќе продолжат „се додека не се гарантира дека шумата над селото нема да биде расчистена до последно дрво“.
