Ќе му пресуди ли грчки суд на македонскиот јазик во Грција?!

Грчка обвинителка смета дека некој во Грција “се обидува да создаде македонско малцинство“

На 2 февруари е закажано рочиште на Окружниот суд по регистрацијата на Основниот суд во Лерин (од 27 јули 2022) на здружението “Центар за македонски јазик во Грција“. Окружната обвинителка Анастасија Калаици смета дека со регистрацијата на едно вакво здружение, чија цел е „зачувување и негување на македонскиот јазик во Грција“ и „воведување на македонскиот јазик како изборен предмет во јавните училишта и универзитети во Грција“, се прекршува Договорот од Преспа и е обид за создавање малцинство, пишува “Катимерини“.

Во својот поднесок, грчката обвинителка тврди дека „македонскиот јазик е признаен само како јазик на граѓаните на Република Северна Македонија“ и како такoв не смее да постои на друго место (?!).

Во Лерин пред Нова Година се одржаа и демонстрации на неофашистичката партија во Грција Златна зора во Лерин кои бараат укинување на една таква организација.

Аргументите што ги наведува грчката обвинителка во тужбата наведуваат само на еден заклучок: дека Грција продолжува да ја толкува Преспанската спогодба само онака како што ѝ одговара, без притоа самата да спроведе макар и една точка од договорот.

Она што е интенција во последно време, а што коинцидира со бугарското негирање на македонскиот јазик, тоа се обидите на Атина да го прекине просторниот и временски континуитет на македонскиот јазик и да го затвори само во рамките на државните граници, што претставува лингвистички преседан.

Тоа, само по себе, е крајно апсурдно и претставува директно негирање на Повелбата на Обединетите нации и загарантираното право на секој поединец на сопствено самоидентификување и употреба на мајчиниот јазик каде и да се наоѓа. Грција е дел од ОН и од Советот на Европа, така што ги прифатила обврските за заштита на човековите права, вклучувајќи ги и малцинските права.

Во анализа на погоре кажаното “Нова Македонија“ има контрааргумент: ако се има предвид дека во спогодбата од Нивици јасно е прецизирано дека македонскиот јазик спаѓа во групата на јужнословенски јазици, тогаш употребата на тој јазик на грчка територија по ниту една основа не може да се смета како прекршување на Договорот, бидејќи постои јасна дистинкција од античката елинска цивилизација, нејзината историја и култура. Тоа подразбира дека македонското малцинство во Грција, кое има словенско, а не античко елинско потекло, може слободно да го употребува македонскиот јазик како дел од јужнословенските јазици и тука нема прекршување на членот 7.

Од друга страна, со обидот Грција да ја поништи регистрацијата на здружението “Центар за македонски јазик“, директно ќе го прекрши членот 5 од Преспанската спогодба, но и редица други меѓународни конвенции и декларации.

Македонскиот јазик во Европа слободно се говори меѓу македонското малцинство во Србија, во Албанија, во Романија, но и во Германија, Швајцарија и Италија, како и во други земји низ Европа.

Македонскиот јазик можел да се употребува и во САД уште во почетокот на 20 век, каде што имало и испечатени формулари за вработување што можеле да се пополнат на македонски јазик. Македонците и денес слободно говорат македонски во САД, а слично е и во Канада, како и во Австралија, земји каде што има огромна македонска дијаспора.

Длабоката држава“ од Атина

Членот на колективното раководство на партијата на Македонците во Грција, Виножито, Павле Воскопулос Филипов, по истиот повод вели дека грчката држава се меша во судски одлуки секогаш кога станува збор за малцински прашања.

– Барањето да се укине “Центарот за македонски јазик“ дојде по интервенција од Атина. „Длабоката држава“ интервенира по соодветните малцински прашања дури и во судските одлуки – изјави Воскопулос.

Според него не треба да се отфрли можноста “Центарот за македонски јазик“ да биде укинат.

– Грчките органи решаваат и интерпретираат по свое убедување и „соодветно“ со грчките национални интереси. Во случајот да не се легализира во суштина македонски субјект различно од грчките стандарди, што е интерпретација, создадена пред децении – посочува Воскопулос.

Тој додава дека македонското малцинство никогаш не може да стане предмет на љубов или омраза меѓу двете држави.

– Суштината е да се демократизира Грција при малцинските прашања и Грција да направи реформа за спроведувањето и развивањето на современите национални идентитети. Конкретно да ги информира своите граѓани дека современиот македонски национален идентитет е различен од тоа што со децении го „сервира“ системот во Грција. Ние тука сме припадници на национално македонско малцинство и, секако, како Виножито сме „лек“ за грчката болест при македонското прашање и пошироко околу грчките национални стереотипи – посочи Воскопулос.

Останати вести