Мицотакис откри што добила Атина за возврат на коските на Самоил

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на 8 ноември 2026 година присуствуваше на свечена литургија во митрополитската црква во Серес (Сер), каде што официјално беа пречекани и изложени религиозните и црковни реликвии што Бугарија ѝ ги врати на Грција.

Ова враќање е резултат на билатерален договор и меморандум за разбирање потпишан меѓу министерствата за култура на двете земји на крајот од септември.

Бугарија на Грција ѝ врати вкупно 53 парчиња (48 инвентарни броеви) историски црковни предмети. Мицотакис на церемонијата детално ги наведе репатрирани скапоцености: свети икони и процесиски крстови, литургиски одежди и реликвијари, црковни прибори и говорници (аналои), импресивен резбан владички (епископски) престол, позлатени сребрени рипиди (литургиски лепези) со византиски емајл од 16 век.

Овие предмети потекнуваат од периодот меѓу 16 и 19 век. Тие биле однесени од страна на бугарските воени трупи во 1917 година за време на Првата светска војна од манастирот „Свети Јован Крстител“ (Тимос Продромос) кај Сер, старата митрополитанска црква „Свети Теодор“ и манастирот „Панагија Икосифиниса“.

Претходно имаше непотврдени информации дека меѓу реликвиите што Бугарија ги предала на Грција се наоѓа и моштехранилица од „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид.

Во замена за реликвиите, Грција на Бугарија ѝ ги предаде посмртните останки кои му се припишуваат на средновековниот цар Самоил (заедно со друг антрополошки материјал од четири саркофази), сите пронајдени во 1969 година од грчкиот археолог Николаос Муцопулос во базиликата „Свети Ахил“ на Малото Преспанско Езеро.

Официјалното примопредавање на коските се случи на 3 октомври во Солун. Откако беа преземени од Грција, предметите најпрво беа изложени во Музејот на византиската култура во Солун до 5 ноември, по што пристигнаа на нивната крајна дестинација во Серес.

Мицотакис во својот говор во Серес ја истакна важноста на „културната дипломатија“ и изјави дека договорот ја исправа „историската неправда“. Тој исто така најави дека преговорите со Бугарија продолжуваат со цел да се идентификуваат и вратат и други историски и ракописни вредности кои сè уште се наоѓаат на бугарска територија.

Останати вести