Мицкоски: Предвремени парламентарни избори ќе ја банкротираат државата

Предвремени парламентарни избори нема да има бидејќи земјата ќе банкротира, а избори не препорачуваат ниту од меѓународната заедница. Дури и владиниот партнер ЗНАМ, чиј лидер е Максим Димитриевски, да излезе од Владата, ќе нема избори бидејќи власта и без пратениците од оваа партија има мнозинство во Собранието.

Ова е заклучокот од брифингот на премиерот Христијан Мицкоски со новинарите по консултативната средб со коалициските партнери во Владата.

Две „жешки теми“ ја потресуваат коалицијата на власт последните недели: за изборот на градоначалник во Брвеница имаше пречкање помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, а за правосудниот испит жестоки пораки си разменија Вреди и ЗНАМ. Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски дури најави можно напуштање на Владата ако испитот се полага и на албански јазик.

– Во моментов е неодговорно да имаме предвремени избори. Ако гледаме политички, нам ни одговара да одиме на предвремени избори, но ако гледаме суштински, треба да ни е јасно дека во следните две години ние треба да најдеме пет милијарди евра. Следната година треба да најдеме 2.3 милијарди евра. Шест месеци техничка влада ќе ја однесе државата директно во банкрот. И таа техничка влада ќе биде во пикот на најжестоката зима во јануари и делумно може во февруари, вели Мицкоски.

Се работи за големи долгови земени во времето на короната кои треба да се вратат, да се рефинансираат дел од долговите, да се платат каматите и буџетскиот дефицит.

– Во 2028 година ќе биде многу полесно, иако тогаш станува збор за повеќе пари – околу 2.7 милијарди евра, но ќе можеме да ги пренесеме побарувањата во 2029 година, бидејќи единствено 2029 година не успеале да ја пополнат. Значи, дел од обврските во 2028 година можеме да ги транспонираме во 2029 година и да излеземе од овие две години кога треба ликвидност да обезбедиме од пет милијарди евра во моментов. Ако ние сега направиме во 2027 година предвремени парламентарни избори, со шест месеци техничка влада, настрана што никој од меѓународната заедница не е за предвремени избори, тоа би било неодговорно однесување кон државата, вели премиерот.

Комплетирање на реконструкцијата во ноември, лидерска средба во декември

На консултативната средба помеѓу коалициските партнери во Владата договорено било уште реконструкцијата на вториот и третиот ешалон на власта да заврши до крајот на ноември, а во декември е договорена средба на лидерите на владејачката коалиција.

Прашан дали Влен ќе добие помалку позиции при реконструкцијата поради изборите во Брвеница, Мицкоски се повика на дадениот збор и на договорот со коалицијата.

– Во животот е важен дадениот збор и нема ништо поважно од дадениот збор. Јас, во принцип, како човек, кога ќе се договорам и кога ќе дадам збор, го држам зборот. Нема движење лево-десно, рече Мицкоски.

За кадровските промени Мицкоски рече дека разговарал со лидерите на Влен и дека биле дефинирани неколку позиции што ги оцени како важни за државата. Предлозите, според него, треба да се дооформат во кадровските комисии на партиите. Тој потсети дека претходно го посочил октомври како рок за реконструкцијата, но дека поради многуте настани што се случиле, нејзиното завршување го очекува во ноември.

Во однос на средбата на коалициските лидери, Мицкоски изјави дека веќе е постигнат договор таа да се организира во декември.

Останати вести