Незаборавна дружба во Волонгонг

Прослава на македонскиот идентитет, култура и заедништво – доказ дека македонската песна се слуша, македонското оро се игра, а македонскиот дух живее далеку од татковината.

Во саботата, на 26 септември, Големата сала на Универзитетот во Волонгонг беше исполнета со младост, песна, игра, традиција и весела атмосфера. Повеќе од 500 гости беа дел од игранката на МКУД Македонски Бисер од Волонгонг, која долго ќе се памети во македонската заедница.

Вечерта учество зедоа уште четири македонски културно-уметнички друштва: МКУД „Јане Сандански“ од Мелбурн, МКУД „Разиграна Македонка“ од Квинбијан, МКУД „Македонка“ од Сиднеј и МКУД „Илинден“ од Западен Сиднеј. Нивните настапи ја збогатија вечерта и уште еднаш покажаа дека нашата песна и игра живеат со полна сила и на австралискиот континент.

За играорците беше особена чест да застанат на големата сцена и пред бројната публика да ја претстават убавината на македонскиот фолклор. Преку традиционалните носии, чекорите на ората и звуците на македонската музика, тие ја пренесоа приказната за нашето културно наследство и љубовта кон татковината.

Ваквите средби имаат посебно значење за македонската заедница во Австралија, токму преку ваквите настани се поврзуваме и го зачувуваме она што нè прави Македонци. Песната, орото, носијата и заедничкото дружење се мост што ги поврзува генерациите и овозможува традицијата на нашите предци да продолжи да живее и кај младите.

За играорците од МКУД „Јане Сандански“ од Мелбурн, гостувањето во Волонгонг ќе остане во убаво сеќавање како турнеја исполнета со радост, дружење, единство и гордост.

Посетата на Волонгонг беше збогатена и со посебен момент. Членовите на МКУД „Јане Сандански“ го посетија прекрасниот манастир „Света Петка“ во Кембла Грејнџ, каде што развија едно оро. После тоа со заедничка фотографија го овековечија овој убав момент – спој на верата, традицијата, пријателството и љубовта кон македонското наследство.

Останати вести