Полицајците добиваат боди-камери со вештачка интелигенција и превод на 40 јазика

Ќе се сменат ли вицовите за полицајци поради воведувањето вештачка интелигенција? Македонските сообраќајци и граничните полицајци користат боди-камери уште од 2016 година наваму, кои сепак не им се секојдневна задолжителна опрема

Сите полициски службеници кои работат на терен ќе треба да носат телесни камери „аксон 4“, објави Министерството за внатрешни работи (МВР) откако склучило петгодишен договор со американската компанија „Аксон“. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски минатиот месец при работната посета на Флорида (САД) се сретна со Рик Смит, сопственикот на оваа компанија. „Аксон“ е американска компанија специјализирана за боди-камери, полициски системи за снимање и управување со дигитални докази.

Телесните камери во МВР ќе бидат доставувани сукцесивно, во наредните пет години, а првите се очекува да станат дел од полициската униформа на средината на 2027 година.

Договорот за оваа софистицирана опрема не може да се пронајде на страницата на Бирото за јавни набавки, бидејќи е склучен во четири очи и законски таен. Телесните камери, според извори на „Слободен печат“ во МВР, ќе работат со бројни функционалности како вештачка интелигенција и превод на говорот во реално време од над 40 јазици, а снимките ќе пристигнуваат во команден центар (сличен на оној од „Сејф сити“, но посебен) каде софтверски ќе се прави анализа на податоците.

Првично ваков команден центар ќе биде отворен во Велес.

Една од најзначајните функции е таканаречениот „pre-event buffering“ што значи дека камерата може да снима видео во привремена меморија и до 120 секунди пред полицаецот да го притисне копчето за официјално започнување на снимањето. Така, доколку полицаецот ја активира камерата дури откако ќе започне инцидентот, системот може да ги зачува и претходните моменти, кои во спротивно би останале недокументирани. Камерата поддржува и ГПС локациски податоци.

Останати вести