Ослободителна пресуда за Никола Груевски за случајот „Талир 2“, а „Белата палата“се одмрзнува по осум години

Кривичниот судот минатата седмица (на месец и пол пред застарување на предметот) донесе пресуда во врска со „Талир 2“: екс-премиерот Никола Груевски е ослободен од вина, а за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ се отфрли конфискацијата на Белата палата и се „одмрзна“ целокупниот недвижен имот.

Претходно, за истиот случај, во јуни 2022 година Кривичниот суд донесе првостепена пресуда со која Груевски беше осуден на шест години затвор, додека пак поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски доби условна казна. Тие беа овинети дека заедно во периодот од јули 2012 година до 31 август 2016 година, со повеќе временски поврзани дејства, ја искористиле својата службена положба и овластувања со цел да обезбедат ново партиско седиште и незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со што за правното лице, политичката партија, прибавиле имот – објект и значителна противправна финансиска корист од 132 милиони денари. Замрзната беше и „Белата палата“, која според обвинението е незаконски изградена.

Во 2024 година, повикувајќи се на измените во членот 353 од Кривичниот законик, донесени во 2023 година, Апелацискиот суд во Скопје ја укина првостепената пресуда и го врати предметот на повторно судење пред Основниот кривичен суд. Со законските измени во меѓувреме застаре кривичното дело злоупотреба на службената положба за Кирил Божиновски, а постапката продолжи за поранешниот премиер Никола Груевски.

Судијката Даниела Алексовска во објавувањето на пресудата минатата седмица изјави дека за овој случај треба да се имаат предвид измените на Кривичниот законик со кои настапи и измена на обвинението. Но и дека Обвинителството не докажало дека бил сторен криминал и се држело до истите докази.

– Иако беа направени измени на обвинението немаше промени во доказите и фактите изнесени пред судот. Судот цени дека обвинителството не докажа надвор од разумно сомневање дека обвинетиот Никола Груевски сторил пречекорување на службената должност, изјави Алексовска. 

Со оглед дека предметот застарува за нешто повеќе од еден месец, дури и евентуална жалба до Апелациониот суд нема да може да ја промени конечната разврска. Трошоците за судската постапка паѓаат на Буџетот на државата.

Со последнава пресуда ВМРО-ДПМНЕ по осум години ќе може да располага со своето седиште – „Белата палата“, проценето на околу 14 милиони евра, како и со останатиот партиски имот вреден околу два милиони евра, кој беше предмет на постапката и беше под ризик од конфискација.

Мицкоски: Правдата е задоволена!

Отако повеќе години зборуваше дека се под судски прогон и дека судството е под политички стеги, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски оцени дека сега правдата била задоволена – судот го одмрзна имотот на партијата.

Мојот став е многу јасен: ВМРО-ДПМНЕ кога беше предмет на политички прогон и еден вид агресија од страна на претходната влада, измислија случаи кои не постојат како што се „Талир“ и „Талир 2“. Конечно судот, што се однесува до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, донесе пресуда која е во согласност на правдата и сето она што претставува очекување на граѓаните. Правдата е задоволена, изјави Мицкоски.
Во врска со ослободителната пресуда за Груевски, додава:

Што се однесува за другиот дел од пресудата и лицето кое е опфатено, можам да заклучам дека станува збор за последица од законските измени во Кривичниот законик донесени од претходната влада на СДСМ и ДУИ и како резултат на тие законски измени имаше многу политички амнестии, а многу политички амнестии и ќе следат. За жал, еднаш кога ќе направите грешка, таа грешка станува правило и ве следи, рече премиерот.
„Сите криминалци се на слобода, освен оние кои украле 30 ќебапчиња“
Професорката Мирјана Најчевска реагираше на ослободителната пресуда за „Талир“, оценувајќи дека во Македонија на слобода се сите криминалци, освен оние кои сториле ситни прекршоци.
„Сите криминалци во Македонија се на слобода. Освен оние најголемите кои задоцниле со плаќање струја еден месец, кои украле 30 ќебапчиња и оние најстрашните кои продаваат китки магдонос и лозов лист пред пазарите. За нив нема милост. Законот е еднаков за сите. Посебно кога криминалците го кројат и донесуваат законот, а нивните пулени го спроведуваат“, напиша Најчевска на Фејсбук.

Останати вести