„Словенија го виде резултатот на учениците и почна да го анализира системот. Македонија го виде резултатот на системот и почна да ги анализира учениците.“ — Аматерката
Во оваа реченица е содржана суштината на она што ни го покажа ПИСА 2025. Не само колку знаат или не знаат македонските ученици, туку многу повеќе – како едно општество реагира кога ќе се соочи со сопствениот образовен неуспех.
Словенија има пад и прашува: Што не функционира во нашиот систем?
Ние имаме катастрофа и прашуваме: Што не е во ред со нашите деца?
Уште полошо – им се потсмеваме!
Резултатите од ПИСА 2025 се аларм и за Словенија и за Македонија. Само што алармот таму го слушна системот, а кај нас одекна во училницата – врз грбот на учениците.
Трајко Славески, долгогодишен универзитетски професор, резултатите ги коментираше со иронија:
„Не може за сè да нè бидува: ако мнозинството наши ученици имаат проблем да го разберат прочитаното, не им ‘оди’ математиката, а природните науки се ‘шпанско село’ за две третини од нив, сепак им нема рамни за забава!“
Една реченица што можеби требаше да биде духовита, всушност откри нешто многу подлабоко: колку лесно сме научиле институционалниот неуспех да го претвораме во лична вина на детето.
Не знаат да читаат? Децата се виновни. Не им оди математиката? Не учат. Не ги разбираат природните науки? Телефоните им се поважни. Знаат да се забавуваат? Ете го доказот за нивната неодговорност.
Само никако да стигнеме до прашањето што едно сериозно општество прво би си го поставило: Кој ги образуваше овие деца?
Ако едно дете не разбира што чита, причините можат да бидат индивидуални. Ако огромен дел од една генерација не разбира што чита, тогаш државата нема морално право да покаже со прст кон детето пред да покаже кон сопствениот образовен систем.
Не постои генерација во која две третини од децата одеднаш станале неспособни за математика и природни науки. Постои систем кој не успеал да ги научи.
Тоа веќе не е статистичка аномалија. Тоа е системска дијагноза.
И токму тука споредбата со Словенија станува болна.
И Словенија забележа сериозен пад на ПИСА 2025. Но словенечкиот одговор не беше потсмев кон учениците. Не слушнавме дека словенечките деца „не ги бидува“. Не слушнавме духовитости за тоа колку време поминуваат забавувајќи се.
Напротив. Пораката од словенечкото Министерство за образование беше дека резултатите не се осуда на децата и наставниците, туку предупредување дека се неопходни системски промени. И таму не застанаа на констатацијата. Беше најавена целосна реформа.
Токму затоа разликата меѓу двата пристапа е толку поразителна.
Словенија го виде резултатот на учениците и почна да го анализира системот. Македонија го виде резултатот на системот и почна да ги анализира учениците.
Уште пострашно е што словенечките резултати, кои таму предизвикаа тревога, за нас изгледаат речиси недостижно. Основното ниво во читање таму го достигнуваат околу 64 проценти од учениците, во математика 65 проценти, а во природните науки 76 проценти. Кај нас – 26, 32 и 36 проценти.
Актуелната министерка за образование, Весна Јаневска, посочи дека резултатите од ПИСА 2025 се последица на претходните образовни реформи и дека актуелната власт го презела секторот непосредно пред тестирањето, додека ефектите од сегашните промени ќе можат да се видат многу подоцна.
Временски тоа има логика. Петнаесетгодишник не станува производ на образовниот систем за шест месеци. Но токму затоа ПИСА не смее да стане уште една партиска пресметка во која секој нов министер ќе покаже кон претходниот, а следниот кон него.
Ова не е резултат на една министерка. Не е резултат ниту на една влада. Ова е сметката за децении македонска образовна политика.
Низ Министерството за образование поминаа министри од различни партии, влади и коалиции. Секој доаѓаше со своја визија, нова концепција или „историска реформа“, за следниот да објаснува зошто претходната била погрешна.
Се менуваа министри. Се менуваа концепции. Се менуваа учебници, програми, предмети и модели на оценување. Се воведуваше дигитализација, па се коригираше. Се пишуваа стратегии и акциски планови.
Секој имаше своја реформа. Само децата остануваа експерименталната група.
А кога по години експерименти меѓународното тестирање ќе ја покаже сметката, повторно детето треба да биде виновно.
Но има уште едно прашање што со години внимателно го заобиколуваме: каде го изгубивме просветниот работник?
Не наставникот како работно место. Просветниот работник како општествена институција. Некогаш тој збор означуваше нешто многу повеќе од човек што ја предава лекцијата од една до друга страница. Просветниот работник образуваше, воспитуваше, создаваше љубопитност, препознаваше талент и имаше авторитет што не произлегуваше од функцијата, туку од знаењето.
Македонија и денес има извонредни наставници. Луѓе кои, понекогаш и наспроти системот, успеваат да создаваат прекрасни генерации. Токму затоа би било неправедно колективно да се обвини наставниот кадар.
Но би било уште понеодговорно да се премолчи дека училиштата со децении не останаа имуни на партизацијата, локалните политички влијанија и негативната кадровска селекција.
Предолго дозволувавме училиштето да биде уште едно место каде што се вдомуваат партиски послушници, се намируваат локални политички долгови и се релативизираат професионалните критериуми.
А партиската книшка не е педагошка квалификација.
Политичката послушност не создава добар наставник.
Врската за вработување не произведува знаење.
Кога политичката подобност ќе добие предност пред стручноста, последиците не остануваат во партискиот штаб. Тие влегуваат во училницата.
И таму остануваат со генерации.
Држава што не знае да ги избере, награди, заштити и задржи најдобрите наставници нема право да се чуди зошто нема најдобри ученици.
И тука повторно се враќаме на иронијата на Славески.
Детето што денес не разбира прочитан текст не ја напишало наставната програма.
Не го избрало министерот.
Не го назначило директорот.
Не го вработило наставникот.
Не го избрало учебникот.
Не ја измислило реформата.
Не го определило буџетот за образование.
Не ја партизирало институцијата.
И сигурно не создало систем во кој петката понекогаш стана поважна од знаењето, дипломата од компетенцијата, а статистиката од функционалната писменост.
Возрасните го направија тоа.
Политичарите. Министрите. Институциите. Партиите. Директорите.
И, да, дел од академската и интелектуалната елита која со децении го гледаше истиот систем, а денес од безбедна дистанца може духовито да ги коментира неговите резултати.
Професорот би требало прв да знае дека ако еден ученик не научил, можеби проблемот е кај ученикот. Ако не научиле двајца, можеби и кај нив. Но кога не научило огромното мнозинство, тогаш професионалното прашање повеќе не е:
„Што им е на овие деца?“
Туку:
„Што направивме ние за толку многу деца да не научат?“
Работа на државата беше додека тие растат да им обезбеди образование што ќе ги научи да читаат со разбирање, логички да размислуваат, да ја разбираат науката, да поставуваат прашања, да разликуваат факт од манипулација и критички да го толкуваат светот околу себе.
Ако државата не успеала во тоа, неуспехот не станува помал ако му се потсмееме на детето.
Само станува погрд.
Затоа ПИСА 2025 не е приказна за „денешнава младина“.
Тоа е приказна за нас.
За нашите влади. За нашите министри. За бесконечните реформи. За партизацијата. За негативната селекција. За несоодветниот кадар. За обезвреднетиот наставник. За одамна изгубениот авторитет на просветниот работник.
И конечно, за нашата неспособност да признаеме дека проблемот можеби не седи во последната клупа.
Проблемот можеби седи многу повисоко.
(Извадок од анализата на порталот „politika.com.mk“)