„Ќерка ми прими осум вакцини по A$5,000, на крајот нè молеше да не трошиме пари“
Во јавноста излегуваат нови и нови потресни сведоштва на граѓани кои раскажуваат како велешанецот М.А. (47), кој е под истрага за случајот со таканаречената „кубанска вакцина“, наводно им ја вбризгувал на пациенти со рак на најразлични локации – во нивните домови, во стан во Скопје, во автомобил на паркингот пред кулите „Џевахир“, па дури и во просториите на здружение за лица со телесен инвалидитет во Велес, со кое е поврзан осомничениот.
Марио Стојковски од Куманово е првиот кој го пријавил велешанецот во полиција, по што од осомничениот добил закани „да внимава зашто не знае со кого работи, да не дојде време да се прави обдукција“ за неговиот починат татко кој ги примал „кубанските вакцини“.
Како што раскажува Стојковски за „Слободен печат“, велешанецот ветувал 92 проценти „успешност“, во спротивно велел дека парите ќе бидат вратени, а му праќал и „протокол за лекување“ и покрај тоа што не е онколог.
– Ни побара 3.200 евра (A$5,180) за „кубанската вакцина“ да му ги исплатиме веднаш на рака. Парите му ги дадовме на бензинска станица во Куманово, таа што е пред граничниот премин. За 5-6 дена ја донесе вакцината кај нас дома. Таа беше спакувана во еден бел коверт, имаше негов потпис и ме натера јас исто така да се потпишам. Кога му ја вбризгуваше вакцината на татко ми, не дозволи никој да останеме во просторијата. Рече да излеземе надвор, да не сме правеле гужва, вели Стојковски.
Состојбата на татко му почнала да се влошува, но М.А. ги уверувал дека „докторите од Белград ја имаат документацијата и се чека на нивниот совет“.
– За два дена ми рече дека „според дијагнозата татко ми морало да прими уште две дози“. Немавме пари, се снаоѓавме. Кога му ги собравме парите едниот дел му го пуштив на трансакциска сметка, а другите му ги дадовме повторно на рака. Втората вакцина му ја стави во Скопје, кај зградите „Џевахир“, а третата доза му ја стави на татко ми дома кај нас. Но состојбата на татко ми се влошуваше, а М.А. ни велеше дека ќе биде сѐ добро и да не се плашиме и да му даваме „ивермектин“. Кога почина татко ми, јас му се јавив на М.А. да ми ги врати парите како што ми вети. Кога рековме дека ќе пријавиме во полиција, се закани „не знаеш со кого работам, биди посмирен за да не си ги отвораш раните и да не правиш обдукција“, вели за „Слободен печат“ Стојковски, син на починатиот пациент.
Тој бара правдата да биде истерана до крај. На вакцината, според тоа што го видел, немало бренд, туку била обична инјекција како оние во кои се чува „клексан“, а на сите три имало иста шифра – 6531A.
– Шприцот е како шпцировите што се од „клексани“, портокалов, раскажува Стојковски.
Светлана Михајловска од Битола е мајка на 31-годишна девојка која починала од рак пред седум месеци.
– Ќерка ми прими осум вакцини од него, една чинеше 3.200 евра. Може се лажевме, ама секој се фаќа за сламката. Првите ги примаше дома, потоа ќе ни ги дадеше шприцовите за ќерка ми да ги боцка во Швајцарија. Беше со болки ќерка ми, а тој нѐ убедуваше дека нема метастази. Еднаш ќерка ми ја прими вакцината во здружението кај него во Велес, а јас бев присутна, раскажува Михајловска.
Кај неа целата ситуација буди голема траумa, а ќерка ѝ на крајот ги молела родителите да не си ги трошат парите зашто вакцините не делуваат.
Граѓанка од Кавадарци за „Слободен печат“ сведочи дека М.А. од Велес го пронашле со препорака од други пациенти, а им тврдел дека „од вакцината тумор со големина на тупаница, се намалил во една точка“.
Нејзиниот свекор во терминална фаза на карцином, тврди таа, М.А. го боцнал во автомобил пред кулите „Џевахир“ во Скопје, на паркинг, а кога ситуацијата не се подобрила и набрзо тој починал, М.А. веќе не бил достапен за комуникација.
Ненад Младеновски од Куманово ја купил „вакцината“ за 3.200 евра и велешанецот ја аплицирал на неговата сега покојна мајка која имала метастази во главата. Како што Младеновски самиот тврди за „Слободен печат“, во неговата одлука да ја купи „вакцината“ голема улога имала приказната што измамникот му ја пласирал дека ректори, политичари и бизнисмени ја купувале истата вакцина од него. Конкретно било спомнато името на тогашниот претседател на Собранието, Таљат Џафери (кој во изјава за „Слободен печат“ вели дека се работи за класична злоупотреба на неговото име).
Неколку регионални јавни обвинителства постапуваат по поднесени пријави од граѓани во однос на ова лице. Дејствијата се во тек и ЈО не е во можност да споделува повеќе детали во овој момент.
Осомничениот инаку е хоспитализиран на Клиниката за ортопедија во Скопје и таму му е врачено решението на судија на претходна постапка: одземање на патната исправа и еднаш неделно да се јавува кај службено лице во Основен суд Велес.