Богданци: Во изгорено возило најдена гламносана 17-годишна девојка, а во близина обесено 21-годишно момче

На местото викано Ичева чешма кај Горно Село во Богданци, на 3 ноември во 18:40 часот минувач забележал опожарено паркирано патничко моторно возило во чија близина има безживотно тело обесено на дрво. Кога пристигнала полицијата и брзата помош, утврдено е дека се работи за 21-годишниот Виктор Гунтаров од Богданци.

Дури откако Бригадата за противпожарна заштита го изгаснала пожарот на возилото, било забележано дека внатре има уште едно човечко тело. Се утврдило дека изгореното тело и припаѓа на 17-годишната Билјана Кириќ. Таа била убиена во возилото кое потоа Виктор го запалил, а самиот тој се обесил на блиското дрво.

Трагедијата се случила откако дошло до бурна разделба на љубовната двојка. Имено, против момчето на 1 октомври имало пријава за загрозување на сигурноста по која веднаш се постапувало, а во меѓувреме во граѓанска постапка на 14 октомври му биле определени „мерки за заштита од семејно насилство“ и забрана за приближување и контактирање.

Многумина се прашуваа како полицијата и социјалните служби решиле дека тоа е „семејно насилство“ кога Билјана имала само 17 години, но по се изгледа дека девојката живеела со него од 13 годишна возраст?!?!

Наводно веќе подолго време Билјана била физички и психички малтретирана од Виктор. Ноќта помеѓу 30 септември и 1 октомври во домот на семејството Гунтарови „чашата се прелеала“. Нешто по полноќ таткото на сега починатата девојка, Џоко Кириќ (46), во полициска станица во Гевгелија пријавил дека истата вечер околу 21 часот, по претходна вербална расправија помеѓу неговата 17-годишна ќерка Билјана и 21-годишниот Виктор, кои биле во љубовна врска, во семејната куќа на Гунтаров во Богданци физички ја нападнал неговата малолетна ќерка и ѝ биле упатувани закани по живот доколку си замине од куќата. Притоа Гунтаров ѝ го скршил мобилниот телефон со цел да не може да повика помош. Малолетничката длабоко во ноќта некако успеала преку прозорецот да се оддалечи од куќата, при што и била пружена помош од случајни минувачи кои повикале полиција и истата била пренесена во Итна медицинска помош при ЈЗУ Општа болница Гевгелија.

Рано утрото Виктор бил приведен во полициска станица а на 14 октомври му била поднесена кривична пријава за нанесување телесна повреда. Потоа му било забрането да и се приближува и да ја контактира. Десетина денови подоцна екипа на полицијата ја посетила девојката за да провери колку Виктор ги почитува ограничувањата. Таткото Џоко изјавил дека „не биле вознемирувани“.

Но Виктор на 3 ноември повторно се видел со Билјана, постојат снимки од видео-надзор на кои се гледа дека ја зема во автомобилот. Оттаму ја однел на местото каде што ја убил, а потоа себе си си го одзел животот.

– Беше мило девојче. Учеше средно медицинско училиште. Одеше на пракса во гевгелиската болница. Не можеа да ја оттргнат од него. Долго ја малтретираше. Имаат потфрлено сите органи, но најмногу социјалното, раскажа член на семејството на Кириќ.

Останати вести