Гран-при во Токио за новиот филм на Милчо Манчевски

„Сестра, брат и шахта“ – најновиот филм на режисерот Милчо Манчевски е добитник на главната награда за најдобар филм на Tokyo Grand Prix. Ова е првпат по толку години еден македонски филм да победи на фестивал од А-категорија, по „Пред дождот” во Венеција во 1994-та, а кој е исто така, филм на Манчевски.

Филмот ја доби наградата на гувернерот на Токио, на 39. Меѓународен филмски фестивал, која носи и парична награда од 3 милиони јени (околу A$27,500).

„Жирито го награди филмот за вештото спојување на хуморот, трагедијата и драмата, за човечноста и сочувството кон ликовите, како и за комплексната и заокружена филмска приказна која истовремено трогнува и плени со својата разиграност.

Искрени честитки до Милчо Манчевски, актерската екипа и сите филмски работници кои придонесоа за ова големо меѓународно признание.

Успех што ја носи македонската кинематографија на светската сцена“, стои во соопштението од Агенцијата за филм на Македонија.

Новиот филм на Манчевски, кој имаше работен наслов „Збогум Копакабано“, својата светска премиера ја доживеа токму на фестивалот во Токио.

На црвениот тепих Милчо во рацете носеше шахта (алузија на името на филмот), додека наградата ја подигнаа главните актери, Сара Климоска и Филип Трајковиќ и продуцентот Јане Ќортошев.

– Во Токио дојдовме со шахта, а во Македонија се враќаме со оваа прекрасна награда. Мислам дека ова е навистина добра зделка. Од неизвесноста дали воопшто ќе успееме да го снимиме филмот, до оваа вечер во Токио, навистина поминавме долг пат. Голема благодарност до сите кои веруваа во нас и нè поддржуваа на тој пат. Благодарност до Меѓународниот филмски фестивал во Токио, кој веруваше во нашиот филм и до жирито кое му ја додели оваа прекрасна награда. Аригато гозаимас!, изјави Ќортошев.

Годинава, на Токискиот меѓународен филмски фестивал пристигнаа 1.892 филмови од 112 земји и региони. Во натпреварувачката програма беа избрани 15 филма.

„Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за оние кои имаат и оние кои немаат, во исто време лута сатира и суптилна поема за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.

Ова е деветти долгометражен игран филм на Манчевски, кој оваа година го реализираше и долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“ за трагедијата во Кочани, со што во иста година претстави два филма пред меѓународната публика.

Освен Агенцијата за филм, филмот го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија.

Играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.

Останати вести