Австралиски шампионат – 5. коло, група Д
Престон Македонија – Лајонс ФК 3:1
Фудбалерите на Престон Македонија забележа супериорна победа од 3:1 против Лајонс ФК во возбудливиот натпревар од петтото коло, откако по раното водство на противникот успеаја да направат целосен пресврт и да стигнаа до трите бода.
Домашниот тим подобро го отвори натпреварот, имаше поголем посед на топката и се обидуваше трпеливо да ја гради својата игра. Сепак, гостите први се радуваа на гол. Во осмата минута, по една долга топка зад одбраната на Престон, голманот истрча да интервенира, но не успеа да ја исфрли, што го искористи Лачи Бродерик и ја смести во празната мрежа за водство на Лајонс ФК од 0:1.
Гостите имаа можност набргу потоа и да ја зголемат предноста, создавајќи неколку опасни ситуации пред голот на Престон.
Одговорот на Престон Македонија стигна во 15. минута. По ударот на соиграч, топката се одби од пречката, а Лејтон Брукс најдобро се снајде и со прекрасен удар ја испрати во горниот агол од голот за израмнување на 1:1.
Само шест минути подоцна, Престон направи целосен пресврт. По нафрлување во казнениот простор, Науел Бонада со атрактивен акробатски удар ја затресе мрежата и донесе водство од 2:1.
По бурните почетни 21 минута, темпото на играта се смири, а до крајот на првото полувреме немаше нови погодоци.
Во продолжението Престон можеше да ја зголеми предноста во 50. минута, кога Јован Марковски се најде во добра позиција по десната страна, но наместо да проигра соиграч, се одлучи за удар кон голот и ја пропушти можноста.
Лајонс ФК се обиде да се врати во натпреварот. Во 59. минута, Џерсон Хиралдо упати опасен удар кон долниот агол, но голманот на Престон одлично интервенираше, а и вториот обид на гостите беше блокиран.
Натпреварот беше привремено прекинат во 66. минута по сериозен судир со глава на фудбалерот на Престон, Закари Чанчи, кој мораше да го напушти теренот.
Гостите продолжија да бараат начин за израмнување, а во 75. минута Остин Лудвик се најде во добра позиција по опасен слободен удар, но неговиот удар со глава заврши над пречката.
Две минути подоцна Брукс се обиде и од далечина, а во 78. минута стави точка на натпреварот. По одлично организирана акција на Престон, напаѓачот со прецизен удар од незгоден агол го постигна својот втор гол на средбата и ја потврди победата на домашниот тим со конечни 3:1.
Во завршницата Престон рутински ја контролираше играта и ја сочува предноста, за заслужена победа и успешен пресврт по раниот примен гол.
Во четврток, на 19 ноември, Престон Македонија ја пречекува екипата на Саут Хобарт со почеток во 19:30 часот.
Група Д
| Престон Македонија | 10 |
| Лајонс ФК | 9 |
| Волонгонг Вулвс | 8 |
| Саут Хобарт | 3 |