Пет евра по лице, без разлика дали посетителот е од Македонија или од странство, е предлогот што Стојна Димитровска-Бот го дала до здружението „Извор Кратово“ за услугите кај локалитетот Камени Кукли. Иако тврди дека во ова здружение членуваат 200 лица, како што стојат работите таа самата е единствената касациона инстанца.
Во поткастот „Претрес со Ландов“ Стојна кажа дека наплатата што ја врши за посета на Куклици била законска. Затоа што освен самиот локалитет, сето околно земјиште (на кое е паркингот и добар дел од пристачниот пат) биле приватни парцели. Според нејзиното објаснување, дел од земјиштето е семејно (на нејзиното семејство, конкретно), а за други парцели здружението има договори за користење со сопствениците.
Стојна објаснуваше дека не станува збор за класични влезници за локалитетот, туку за „пакет услуги“ што опфаќа туристички информации, паркирање и користење приватно земјиште. Според цените што ги наведе во гостувањето, домашните посетители сега плаќаат 120 денари, а странските 240 денари. Но од видеата што додсега циркулираат на социјалните мрежи се слушаат и поголеми суми на пари кои одат и до до пет-шест евра (300-360 денари).
Според неа, цената е иста без разлика дали посетителот користи една или повеќе од понудените услуги.
Водителот Кристијан Ландов ја праша што се случува ако некој дојде пешки и сака само да стигне до државната патека, без паркирање и без туристичко водење.
Стојна тврдеше дека за да се стигне до патеката мора да се помине низ приватна парцела. А за да се заобиколи пеш би требало скоро еден час одење.
– Сум наплаќала, наплаќам и ќе наплаќам, порача во разговорот, тврдејќи дека има право на тоа.
Ландов ја соочи и со наводите од допис на Општина Кратово за неовластено користење на просторот и нелегална наплата. Стојна ги отфрли тие обвинувања и повтори дека настапува како давател на услуги, а не како лице што продава класични влезници. Во врска со дописот од Музејот во Кратово за предавање на имотот во владение на оваа институција, Стојна тврди дека тоа решение – не е правосилно!
На потсетувањето од Ландов дека поминала 68 дена во притвор, Стојна одговори дека била таму „речиси за ништо“.
– Не правам ништо што не е легално. Сè што е легално, сè е изработено како што треба, без да повредам некого и без да ги повредам правилата и законите на мојава држава, изјави таа.