Галичката свадба – од мијачки свадбен обред до македонски национален завет

Галичката свадба не е само свадба. Таа е една од највпечатливите етнолошки и културни манифестации во Македонија. Таа е огледало на нашиот народ, неговата историска меморија, неговата култура, вера, јазик, музика, носија и достоинство. Таа е најубавата приказна за тоа како традицијата може да остане жива и тогаш кога времето непрестајно се обидува да ја оттурне на маргините. 

Некогаш, кога илјадници гурбетчии од Мијачијата работеле далеку од родниот крај како прочуени сточари, градители и иконописци низ Балканот, тие се враќале дома токму за празникот на светите апостоли Петар и Павле. Тоа бил единствениот период (по стариот календар Петровден паѓал на 29 јуни) кога Галичник повторно оживувал, кога семејствата се собирале, а младите стапувале во брак.

Со текот на времето „Галичката свадба“ прерасна од локален обичај во национална културна вредност. Денес таа претставува ретка можност да се види целосен свадбен обред сочуван во неговата автентичност – од свршувачката и благословот, преку бричењето на младоженецот, поставувањето на свадбеното знаме, прочуеното оро „Тешкото“, до венчавањето и испраќањето на невестата.

Во свадбарските песни живее македонскиот јазик во неговата најпоетична форма. Во благословите се слуша мудроста на предците. Во ората се чита историјата на едно заедништво. Токму затоа Галичката свадба не е просто фолклор во тесната смисла на зборот. Таа е жива култура. Таа е колективна меморија што секоја година повторно се оживува.

Манифестацијата „Галичка свадба“ годинава се одржа по 35-ти пат. Започна на 10 јули со поставување на свадбарскиот бајрак и традиционалното фрлање три пушки од куќата на зетот, со што беше означен почетокот на свадбените свечености. Годинашни галички младенци беа Александар Пендароски и Мартина Михајлова а оваа нивна свадба носи и посебна семејна симболика. Имено токму пред 35 години, на првата современа „Галичка свадба“ во 1991 година, се венчале родителите на Александар.

Претседателката на Републиката, Гордана Сиљановска-Давкова, беше дел од манифестацијата како покровител. По венчавањето во црквата „Св. Петар и Павле“ им се придружи на младенците и свадбарите во традиционалното галичко оро. На младенците им подари галичка пафта, според неа, симбол на плодноста и на богатото македонско свадбено наследство.

На платото пред чешмата „Упија“ беа изведени свекрвиното и невестинското оро, како и „Тешкото“ во изведба на ансамблот „Танец“. Еден од најсликовитите моменти е и одењето на невестата по вода од трите галички чешми, придружувана од свадбарите.

Останати вести