Со вселенската мисија на „Артемида 2“ светот гледа две Америки: едната на Трамп, другата на НАСА. Едната Америка, со која завладеа некое мрачно и непредвидливо лидерство, и другата, вистинската, големата Америка која го предводи светот во технолошките достигнувања. Америка која работи за доброто на човештвото, која неуморно истражува и го води светот напред.
Екипажот на „Артемида 2“ го урна рекордот за најдалечно растојание што некој екипаж астронаути го поминал од Земјата, а објавените слики се неверојатни. Додека орбитирале околу Месечината, астронаутите патувале 252.756 милји од нашата планета, повеќе од 4.100 милји подалеку од астронаутите на Аполо 13 во 1970 година. Тие за првпат ја снимија целата друга страна на Месечината и ретко затемнување на сонцето.
Контрастот меѓу овие две Америки е голем колку кратерот што го забележаа астронаутите на „Артемида“ од другата страна на Месечината. Америка на Трамп сака да завладее со светот преку сила и оружје, другата, стара добра Америка, владее со ум, приредувајќи му на светот научен спектакл во моментите додека лошата Америка го крена цел свет на нозе со заканите дека ќе уништи една цела цивилизација.
Ова само по себе е историски миг, досега незапаметен судир меѓу доброто и лошото во една земја. Но, новата вселенска мисија на НАСА покажа дека човештвото сè уште го фасцинира технологијата, а не војната. И дека го преферира напредокот над стагнацијата, конструктивноста наместо силата и паметното лидерство наместо безумното дивеење како што гледаме сега во Вашингтон.
Што им рече Вајсмен на ќерките
Пред да се качи во ракетата командантот на мисијата, астронаутот Рид Вајсмен, со своите две ќерки, Ели и Катерина, го имал најтешкиот разговор што еден родител може да го има со своите деца. Тој ги информирал за двете можни сценарија на мисијата – најдоброто и најлошото – подготвувајќи ги на тој начин за секој возможен исход од неговиот пат во вселената, вклучително и губење на животот. Вајсмен по смртта на сопругата во 2020 година сам ги подигал своите две ќерки, истовремено посетувајќи го и тренингот за лунарната мисија. Храброста на таткото кој по губењето на сопругата продолжува сам да се грижи за ќерките, медиумите ја опишаа како пример за баланс меѓу историско достигнување и лично жртвување. Храброста на овој родител и истовремено астронаут е пример за посветеноста, љубовта и човечкото тежнеење да се дофатат ѕвездите, во кариерата и во приватниот живот, пишуваа медиумите.
Единствениот можен заклучок е дека астронаутите Рид, Виктор и Кристина (четвртиот е Канаѓанецот Џереми) се всушност тие, а не Трамп, што го остварија слоганот на Републиканците MAGA или Make America Great Aagain („Да ја направиме Америка повторно голема“) и испратија порака до човештвото дека САД сè уште стојат зад науката и глобалниот напредок. И покрај црните сценарија што се коваат во Белата куќа.
Нам овде, во Македонија, ни останува надежта дека македонското раководство кое деновиве е во САД ќе научи нешто од овој пример. Нашето раководство, кое вели дека ќе чека ако треба и децении за да се создадат околности земјава да влезе во Европската Унија под наши услови. Нашето раководство, кое не е подготвено на ризик да ја загуби популарноста. Или кое е подготвено попрво да ја загуби државата отколку својата политичка популарност кај своите гласачи.
НАСА не бара гаранции кога има ризик
Замислете НАСА да речеше дека нема да праќа мисии во вселената додека не добие гаранција дека тие ќе бидат успешни и дека астронаутите ќе се вратат живи и здрави. Замислете НАСА да се откажеше после пожарот во „Аполо 1“ во 1967 година што се случи за време на тестирањето на земјата во кој загинаа тројца астронаути. Или да се откажеше во 1970-тата, по фамозниот „Хјустон, имаме проблем“ на „Аполо 13“, кога експлодираше цистерната со кислород на пат кон Месечината, или кога во 1986-та спејс шатлот „Челинџер“ експлодираше 73 секунди по лансирањето, при што загинаа седум астронаути, или кога спејс шатлот „Колумбија“ во 2003-тата се распадна при влегувањето во земјината орбита однесувајќи во смрт седум астронаути. И многу други грешки и дефекти кои резултираа со неуспешни мисии.
Астронаутите никогаш не бараа гаранции, свесни дека им служат на поголеми цели и чекори кои го водат човештвото кон напредок и нови знаења. „Колку е убаво што се слушаме повторно со Земјата. Азија, Африка и Океанија, ве гледаме од овде. Ако погледнете нагоре, вие ја гледате Месечината, а ние ве гледаме вас“, рече астронаутката Кристина Кох во првите мигови кога повторно воспоставија контакт со Земјата, откако 40 минути имаа глува фреквенција поради екстремната оддалеченост од нашата планета.
Што да кажеме ние како држава на вакво историско херојство на луѓе кои сопствените потреби и сопствениот живот ги подредуваат на колективниот интерес и на прогресот на човештвото? Луѓе и процеси кои невозможното го претвораат во возможно. Каква инспирација се тие за нас и особено за нашите владетели чија себичност надвладеа над колективниот интерес и кои возможното го претворија во невозможно? И кои што немаат храброст да бидат водачи и да одговорат на современите потреби на својата држава.
Америка на Трамп нè плаши, но другата Америка која ја видовме на дело со мисијата на „Артемида 2“, влева надеж дека не е сè загубено. Или сме можеби само премногу оптимисти.
(Соња Крамарска, првпат објавено кај „Дојче веле“)