Стареењето на првата генерација иселеници и намалената имиграција од Македонија во Австралија ќе го одредуваат идниот развој на заедницата, додека зачувувањето на идентитетот кај младите ќе биде клучниот фактор за нашата бројност
На претстојниот попис што ќе се одржи на 11 август, се очекува дека вкупниот број на лица што се изјаснуваат со македонско потекло ќе остане релативно стабилен во однос на 2021 година, додека бројот на лица родени во Македонија ќе продолжи значително да се намалува поради стареењето на првата генерација.
Повеќе од седумдесет години Македонците во Австралија претставуваат еден склоп на повеќе организирани иселенички заедници. Од првите доселеници по Втората светска војна, преку големиот миграциски бран во шеесеттите и седумдесеттите години, па сè до денес, генерациите Македонци изградија силна мрежа на цркви, културни друштва, спортски клубови, медиуми и успешни бизниси.
Но, зад оваа успешна приказна денес стои нов демографски предизвик.
Податоците од пописот на Австралија во 2021 година покажуваат дека македонската заедница влегува во период во кој природното стареење на населението ќе има сè поголемо влијание врз нашата бројност.
Најважниот показател е просечната возраст на лицата родени во Република Македонија што живеат во Австралија. Таа денеска изнесува 62 години, што е значително над просекот на Австралија, каде просечната возраст е 38 години.
Уште повпечатлив е фактот што околу 44 проценти од оваа популација веќе има над 65 години. Тоа значи дека првата генерација македонски доселеници постепено влегува во животна доба во која природното намалување на населението станува неизбежно.
При анализата на македонската заедница честопати се прави една суштинска грешка – се мешаат две различни категории население.
Првата категорија се лицата родени во Република Македонија. Во 2021 година нивниот број изнесувал околу 41.800.
Втората категорија се сите лица кои на пописот се изјасниле дека имаат македонско потекло. Нивниот број е значително поголем – 111.352.
Разликата е суштинска.
Додека првата група претежно ја сочинуваат доселениците од шеесеттите, седумдесеттите и осумдесеттите години, втората група ги опфаќа и нивните деца, внуци и правнуци родени во Австралија.
Токму затоа бројот на Австралијанци со македонско потекло нема веднаш да почне драматично да се намалува, иако бројот на првата генерација веќе влегува во период на природен пад.
Доколку сегашните демографски трендови продолжат, населението со македонско потекло најверојатно ќе остане релативно стабилно до крајот на оваа деценија.
Вистинскиот демографски пресврт се очекува во текот на 2030-тите години.
Во тој период бројот на починати од првата генерација ќе биде значително поголем од бројот на нови доселеници од Македонија.
Тоа ќе биде првиот момент кога македонската заедница ќе почне постепено да се намалува, освен ако не дојде до нов, посилен миграциски бран.
Најсилниот фактор што може да ја промени оваа проекција е идната имиграција.
Ако Австралија прима околу 1.000 до 2.000 нови македонски доселеници годишно, бројот на Австралијанци со македонско потекло би можел да остане над 110.000 и во следните неколку децении.
Но, ако имиграцијата од нашите краишта продолжи да биде ниска, како што е случај во последните години, тогаш иднината назаедницата ќе зависи пред сè од младите генерации.
Денешниот предизвик не е само демографски.
Клучното прашање е дали втората, третата и четвртата генерација ќе продолжат да го зборуваат македонскиот јазик, да членуваат во македонските институции и, најважно, на идните пописи да се изјаснуваат како Македонци.
Искуствата од многу етнички заедници во Австралија покажуваат дека токму националното самоидентификување станува најважниот фактор за долгорочната бројност на една дијаспора.
Охрабрувачки е фактот што бројот на лица кои се изјаснуваат како Македонци останува релативно стабилен и покрај стареењето на првата генерација. Тоа покажува дека голем дел од децата и внуците на иселениците сè уште го чувствуваат и го негуваат своето македонско потекло.
Следните две децении ќе покажат дали македонската заедница ќе успее да го пренесе тој идентитет и на четвртата генерација. Од одговорот на тоа прашање ќе зависи не само нејзината бројност, туку и нашето место во мултикултурната иднина на Австралија.