Движењето ЗНАМ (За наша Македонија) нема да прифати полагање на правосудниот испит на друг јазик освен на македонскиот, а доколку Владата донесе поинакво решение, партијата е подготвена да ја напушти владината коалиција. Ова во интервју за телевизија „Сител“ го изјави претседателот на движењето, Максим Димитриевски.
– Премиерот апсолутно го знае нашиот став. Подготвени сме за разговори, но ќе побарам лидерска средба со владините партнери за отворено да ги дефинираме црвените линии. Ова не е прашање за дневнополитичко надмудрување, туку прашање за иднината на државата и правосудниот систем. За ЗНАМ тука нема простор за импровизации и политички пазарења. Правосудниот испит ќе се полага само на македонски јазик, истакна Димитриевски.
Според него, прашањето за правосудниот испит не е изолирано, туку задира и во пошироки аспекти на функционирањето правосудниот систем и во државното уредување. Зад барањата за проширување на употребата на албанскиот јазик во оваа сфера, според него, постојат пошироки политички цели. Во оваа смисла оцени дека во земјата постојат сили кои сакаат државата од република еден ден да стане конфедерација.
– Македонија е република, а за жал во земјава постојат сили кои сакаат еден ден да ја видат како конфедерација. Во континуитет се појавуваат одредени поединци кои повикуваат на поголеми права, здружување на локалните заедници, но на етничка, не на територијална основа. Дополнително, по завршувањето на локалните избори во Брвеница излезе еден од поранешните лидери на албанските партии и рече „време е да ја прогласиме Илирида“. Македонија не може да биде прост вид на држава – република – доколку унапредувањето на поедините права на останатите етнички заедници кои го користат тоа право го сметаат како уставотворно и право кое треба дополнително да ја комплицира државата. Ова ја поедноставува работата само за една мала група на граѓани кои се составен дел на државата, но дополнително ја комплицира целата постапка за сите останати“, изјави тој во интервјуто за „Сител“.
Барањата за полагање на правосудниот испит и на албански јазик, кои според Димитриевски, се наметнуваат многу наивно во јавноста, како што рече, се спротивни на препораките на Венецијанската комисија од 2019 година за употребата на друг јазик освен македонскиот во правосудниот систем. Последиците, како што вели, ќе бидат огромни во самото фукционирање на правосудниот систем во државата.
Говорејќи за уставните измени и европската интеграција, тој повтори дека ЗНАМ останува на предлогот за одложено дејство на уставните амандмани. Според него, европската перспектива не може да биде оправдување за еднострани отстапки на сметка на македонскиот јазик, идентитет и достоинство.
– Ставот на ЗНАМ е јасен. Предлогот за одложено дејство на уставните амандмани е на маса, но не може Македонија постојано да прави отстапки, а од другата страна да нема ниту еден чекор кон почитување на правата на Македонците. Постојат пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Нека испочитуваат барем една од нив. Доста е Македонија да биде единствената страна од која постојано се бара да попушта. Ако сакаме да одиме напред, мора да има реципроцитет, порача Димитриевски.
Од ЗНАМ порачуваат дека остануваат на своите ставови и дека европската иднина на Македонија треба да се гради со почитување на државниот суверенитет, македонскиот јазик, идентитет и уставен поредок, без еднострани отстапки и двојни стандарди.