Република Македонија од некогаш аграрно самоодржлива држава сега стана увозно зависна и во неа секоја година дополнително се намалува производството на храна. Бројките за 2025 година покажуват дека во земјата сè помалку се сее жито и се намалува производството на овошје и зеленчук, додека од друга страна се зголемуваат насадите на тутун и на сончоглед. Земјоделските експерти потенцираат дека иако државата има над половина милион хектари обработлива земја, се сеат само 40%. Дел од обработливото земјиште и понатаму останува неискористено.
Според Државниот завод за статистика, во земјата има околу 1.26 милиони хектари вкупна земјоделска површина, од кои приближно 500 илјади хектари се обработливи – ораници, бавчи, лозја и овоштарници. Остатокот го сочинуваат пасишта и ливади. Агроекономистите посочуваат дека земјоделците сè почесто се откажуваат од обработка на дел од нивите поради зголемени трошоци за производство, недостиг на работна сила особено во руралните средини и ниска исплатливост кај одредени култури. Дополнително, дел од земјиштето останува запуштено поради иселувањето и стареењето на населението во селата.
Најмногу се сее жито
Житото и понатаму е најзастапената култура и се одгледува на околу една третина од обработливото земјиште. Но бројките велат дека есеноска се засеани околу 4.000 хектари помалку со житни култури, најмногу како резултат на несеењето на пченица – дури 2.500 хектари. Ова значи дека годинава ќе има помалку пченица која е основа за производство на лебот, а тоа ќе значи дека увозот ќе ја диктира цената на основната животна намирница.
– Се менува структурата на земјоделското производство. Земјоделците сеат и садат култури кои им се поисплатливи за продажба, кои полесно се продаваат, односно имаат пласман за нив, а во исто време им треба помалку труд за да ги произведат – велат агроекономистите.
Кај производството на овошје разликите од некогаш и сега се уште подрастични: производството на праски е намалено за 31.6%, а кај црешите падот достигнува дури 54.1%. Слична е состојбата и кај зеленчукот. Сè помалку се произведуваат домати и пиперки – култури што традиционално се важен дел од домашното производство и извоз.
Овие бројки укажуваат на сериозни проблеми: климатски влијанија, намалена обработка на земјиштето и недоволна исплатливост за производителите.
Растат само површините под тутун, компир и сончоглед
За разлика од храната каде што има намалување на одредени култури, раст бележат индустриските и дел од полјоделските култури. Овој тренд покажува дека земјоделците се ориентираат кон култури што носат посигурен приход, често на сметка на основните прехранбени производи.
Бројките велат дека лани производството на сончоглед е зголемено за 6%, на тутунот за 3.5%, а на компирот за 2.3%. Бројките од Заводот за статистика велат дека во 2025 година се произвеле 205.5 илјади тони компир, околу 25 илјади тони тутун и 5.6 илјади тони сончоглед. Овој тренд покажува дека земјоделците се ориентираат кон култури што носат посигурен приход, често на сметка на основните прехранбени производи.
Во сточарството има сè помалку добиток, но има повеќе производство на млеко. Според анализата на ДЗС, бројот на овците е намален за околу 10 отсто на околу 470.000, бројот на говедата за околу еден процент, на кокошките за околу 10%. Навидум парадоксално, но експертите тврдат дека зголеменото производство на млеко се должи на зголемена продуктивност.
Лани се произведени 290 милиони литри кравјо млеко и 26.7 милиони литри овчо млеко. Раст има и кај свињите, каде бројот е зголемен за 18.5%, најмногу кај индивидуалните фарми. Иста е состојбата и кај кокошките. И покрај намалениот број кокошки, производството на јајца е зголемено. Ова се должи на подобрена технологија и поефикасно производство на фармите. Но, ваквиот раст не значи стабилност – цените на јајцата беа во пораст и подложни на осцилации, што укажува на нестабилен пазар.