Оваа година македонската заедница во Австралија одбележува еден од најзначајните историски столбови на својот опстанок на петтиот континент – 50 години од одржувањето на првата организирана настава на македонски јазик во Нов Јужен Велс. Пред точно половина век, во сиднејската населба Њутаун, беше засадено семето на македонската просвета, која до денес остана силната тврдина за зачувување на македонскиот идентитет, култура и корен далеку од татковината.

За тоа како се кршеше мразот и како се отвораше првото македонско училиште на историскиот 29 мај 1976 година, сведочи за радио SBS, еден од директните основоположници и жива легенда на македонското школство во Сиднеј, господинот Тоде Кабровски. Тој беше меѓу првите наставници, а подоцна и долгогодишен претседател на Македонскиот просветно-училишен одбор за НЈВ во траење од цели 17 години. Денес, г-дин Кабровски со гордост ја носи титулата почесен претседател на овој значаен одбор.
Приказната за македонската писменост во Сиднеј започнува две години пред официјалното ѕвонче, во тогашниот Австралиско-југословенски информативен центар во Њутаун.„Во 1974 година се зачленив во Центарот, каде што се запознав со координаторката Јованка Нусеар-Сечански. По неколку состаноци, ја отворивме дискусијата за потребата од отворање на првото етничко училиште во Сиднеј.

Го поканивме тогашниот директор на државното училиште, господинот Даг Муркен, и по конструктивен разговор се донесе историската одлука: се отвора училиште на Кинг Стрит во Њутаун, а наставата ќе се одржува секоја сабота од 9 до 12 часот“, се присетува Кабровски.Саботата на 29 мај 1976 година со златни букви е запишана во историјата на македонската дијаспора. Тогаш официјално започна наставата. Ентузијазмот бил толку голем што само по неколку седмици, училиштето буквално се преплавило со деца.
Се формирале дури 13 паралелки на македонски јазик со повеќе од 400 ученици (за споредба, во истото училиште тогаш имало четири српски, две хрватски и една словенечка паралелка). Директорот Муркен им дозволил на Македонците да ги користат сите училници, но со секоја измината сабота, поради масовниот прилив на деца, просторот станувал сè потесен.
Почетоците, како и секој почеток далеку од родниот крај, биле проследени со огромни предизвици и немаштија.„Ние, Македонците, се соочивме со сериозни проблеми. Немавме готов наставен план и програма, немавме ниту еден единствен учебник. Секој од нас се снаоѓаше како што знае и умее, мотивиран само од љубовта кон својот народ.

Но, веќе следната година, за среќа, пристигнаа првите официјални учебници директно од тогашна Република Македонија“, раскажува Кабровски.Успехот во Њутаун предизвикал вистински бум и позитивен домино-ефект низ Сиднеј. Само еден месец подоцна, на 26 јуни 1976 година, се отворило македонското етничко училиште „11 Октомври“ во Јагуна, по што брзо следело и училиштето во Канли Вале. Веќе во средината на 1977 година, во Арнклиф започнало со работа и училиштето „Свети Кирил и Методиј“.
Денес, во својата деветта деценија од животот, господинот Тоде Кабровски со силен емотивен занес се присетува на тие тешки, но извонредни времиња. Тоа беа децении исполнети со чист патриотизам, пожртвуваност и несебична љубов кон македонскиот збор.Редакцијата на нашиот весник упатува честитки до сите што придонесувале и придонесуваат и понатаму за македонската заедница во Австралија. Изразуваме вечна и длабока благодарност до сите визионерски наставници и прогресивни родители кои пред 50 години ја заораа првата бразда во ширењето на македонската просвета. Нивниот аманет останува жив – македонскиот јазик да продолжи да ечи низ австралиските училници и во вековите што доаѓаат.