По речиси век и половина неизвесност, конечно е решена една од најголемите поморски мистерии во Австралија. Нуркачи ја потврдија локацијата на потонатиот паробродот „City of Hobart“, кој исчезнал во водите кај источниот брег на Викторија во 1877 година.
Железниот пароброд тежок околу 645 тони, бил изграден во Шкотска во 1853 година и со години пловел на рутите меѓу Викторија, Тасманија и Нов Зеланд. Во јули 1877 година испловил од Њукасл со товар од околу 615 тони јаглен на пат кон Мелбурн, но никогаш не стигнал до својата дестинација.
Според историските записи, за време на пловидбата дошло до сериозен дефект – осовината на пропелерот пукнала и го пробушила трупот на бродот, по што водата почнала брзо да навлегува во внатрешноста.
Капетанот и екипажот имале само неколку минути да реагираат. Тие успеале да ги спуштат чамците за спасување и да го напуштат бродот пред тој да потоне. Следниот ден биле забележани од брод што минувал во близина и сите биле спасени.
Иако екипажот преживеал, точната локација на потонатиот брод остана непозната речиси 150 години.
Тим нуркачи од организацијата Southern Ocean Exploration, предводен од Марк Рајан, со години се обидувал да ја реши мистеријата. Потрагата започнала уште во 2008 година, но долго време без успех.
„Бевме неверојатно блиску до него. Подоцна сфативме дека сме биле само околу 47 метри од местото каде што лежи бродот“, изјави Рајан.
Пресвртот се случил сосема случајно, кога истражувачки брод на компанијата Iberdrola Australia, кој вршел снимање на морското дно за идниот офшор ветерен парк „Aurora Green“, детектирал непознати остатоци од брод на околу 30 километри од брегот на Гипсленд.
Со помош на тие податоци нуркачите повторно се вратиле на локацијата и во февруари годинава конечно ја потврдиле олупината.
Геофизичките истражувања покажале дека на истото место има две олупини. Покрај „City of Hobart“, експертите утврдиле дека другата олупина е веќе познатиот брод „SS Vicky“.
Истражувачите велат дека откритието е значајно бидејќи бродот припаѓа на периодот кога поморската индустрија преминувала од дрвени едрилици кон железни пароброди.
Локацијата на олупината сега е заштитена според федералниот Закон за подводно културно наследство, што значи дека ништо не смее да се вади од бродот.
Истражувачите планираат да се вратат на местото за да направат дополнителни снимки и можеби да создадат 3D модел на бродот.
Сè уште се бара „златниот брод“
И покрај ова значајно откритие, останува уште една голема мистерија во истите води – исчезнувањето на бродот „Madagascar“, кој потонал во 1853 година.
Се верува дека тој превезувал голема количина злато од времето на златната треска во Викторија, чија денешна вредност се проценува на околу 500 милиони долари.
Доколку некогаш биде пронајден, многумина веруваат дека тоа би било едно од најголемите археолошки откритија во историјата на Австралија.