СЕНАРОДЕН СОБОР ВО ВОЛОНГОНГ:

ПРОСЛАВЕН ПРАЗНИКОТ МИТРОВДЕН И ХРАМОВАТА СЛАВА

Македонската православна заедница во Австралија со голем сенароден собор го прослави Митровден и храмовата слава на црквата „Свети великомаченик Димитриј Солунски“ во Волонгонг.

Празничното чествување се одржа на 7 и 8 ноември, а на собирот присуствуваа голем број верници од Волонгонг, регионот Илавара, Сиднеј и други делови на Австралија, како и претставници на повеќе македонски црковни општини.

Светата божествена литургија  ја предводеше отец Гаврил од манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, во сослужение со старешината на храмот, протојереј Борислав Лазов и пензионираниот свештеник Климент Џепароски. На богослужбата верниците имаа можност да се поклонат и на честицата од моштите на Свети Димитриј.

Во празничното слово, отец Гаврил го истакна значењето на следењето на примерот на светителите и нивното сведоштво за верата како пат кон спасението.

На прославата присуствуваше и амбасадорот на Македонија во Австралија, Стојанче Китаноски, како и претставници на македонските црковни општини од Мелбурн, Сиднеј, Њукастел, Рокдаел и Силванија.

Обраќајќи им се на присутните, амбасадорот Китаноски најави дека ќе се залага за одржување блиски врски со македонската дијаспора и дека Амбасадата ќе биде отворена за сите иселеници. Црковната општина во Волонгонг му додели плакета во знак на благодарност.

За значењето на единството на Македонците во Австралија, зачувувањето на верата, јазикот и традицијата говореше и Дејан Змејкоски, заменик-претседател на Австралиско-сиднејската епархија.

По литургиското чествување и осветувањето на славските колачи, прославата продолжи со празничен ручек и културно-уметничка програма, на која уште еднаш е потврдена поврзаноста на македонските црковни заедници во дијаспората.

Останати вести