ВО НЕДЕЛА СЕ ОДРЖУВА МАКЕДОНСКИОТ ФЕСТИВАЛ НА КУЛТУРАТА ВО ВИЛИЈАМСТАУН

Пролетта во Мелбурн започнува со македонската традиција, музика, песна и гастрономија кои ќе бидат во центарот на вниманието во недела, 22 ноември, кога во Вилијамстаун ќе се одржи Македонскиот фестивал на културата.

Фестивалот ќе трае од 10 часот наутро до 16 часот попладне, а посетителите ќе имаат можност да уживаат во богата понуда на традиционални македонски специјалитети. На менито ќе бидат разновидни јадења на скара, бурек, питулици, слатки, тулумби, кафе и уште многу други македонски вкусни специјалитети.

Посебно место во програмата ќе имаат музиката и фолклорот. На сцената ќе настапат македонски фолклорни ансамбли од Мелбурн: АММД „Никола Карев“, КУД „Александар II“, ТОШЕ Денсинг Груп, МКУД „Јане Сандански“, МКУД „Светлост“, МКУД „Илинден“ и игрорците од  „Света Петка“.

За добрата атмосфера во забавниот дел од програмата ќе се погрижат нашите локални музички изведувачи: Ева Цветковска, Вера Трајкоска, Том Кантаровски, Лидија Јаневска, Кејла К, Иван Радевски и бендот „Фонтана“, кои ќе ги забавуваат посетителите во текот на целиот ден.

Организаторите ги покануваат сите Македонци, нивните семејства, пријатели и љубители на македонската култура да бидат дел од оваа празнична атмосфера во недела.

Останати вести