Лидерите на ЕУ во Брисел минатиот четврток го отворија и прашањето за проширувањето на ЕУ и внатрешните реформи потребни за да тоа стане реално. Во заклучоците објавени по состанокот лидерите просто ја нагласиле континуираната важност на проширувањето како геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот.
Европските лидери на Советот во Брисел ги потврдиле патоказите за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, со тоа што имало силна поддршка до крајот на годината да се отворат сите кластери со Украина и Молдавија. На 28 октомври Европската комисија ќе ги објави патоказите за завршување на пристапните преговори со овие четири држави.
Земјите кандидати за ЕУ и натаму се соочуваат со блокади: Унгарија го блокира натамошното отворање поглавја за Украина (услов е повеќе права за унгарското малцинство во Закарпатија), Бугарија освен Македонија ја блокира и Србија (заедно со Хрватска и шест други земји), а Грција има услови за Албанија.
„Проширувањето претставува двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани и за намалување на разликите меѓу земјите, а истовремено мора да ги поттикнува вредностите врз кои е основана Унијата. Со оглед на перспективата за дополнително проширена Унија, и идните земји-членки и ЕУ треба да бидат подготвени во моментот на пристапувањето. Земјите што се стремат кон членство треба да продолжат со своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со принципот на напредување врз основа на сопствените заслуги и со помош на ЕУ“, стои во заклучокот.
На Советот на ЕУ можеби најзабележлив беше настапот на хрбатскиот премиер Андреј Пленковиќ. Тој потврди дека Хрватска ѝ поставила осум услови на Црна Гора што таа мора да ги исполни за да стане членка на Европска Унија, но потенцираше дека тоа не е исто како што некои држави ги блокираа(т) пристапните преговори со Македонија. Пленковиќ рече дека Хрватска се однесува конструктивно во поглед на својот сосед Црна Гора, која се стреми кон членство во ЕУ во 2028 година, и досега не ставила вето на текот на пристапните преговори.
– Го имате примерот со Северна Македонија, која, кога го имавме самитот во Загреб во 2000 година, беше пред Хрватска во институционалниот аспект. А тие сè уште не ги започнале преговорите. Постојат две земји кои од 2005 до 2026 ѝ зедоа на Северна Македонија 21 година институционално приближување кон Европска Унија. Хрватска не го зазеде тој пристап. И покрај тешкото наследство, ние пристапивме кон Црна Гора многу конструктивно. И во тој конструктивен процес ги издвоивме оние точки за кои веруваме дека Црна Гора треба да ги исполни, рече Пленковиќ.
Меѓу барањата на Хрватска е компензација за хрватските државјани кои биле затворени во логорот Морињ меѓу октомври 1991 и август 1992, по окупацијата на дел од регионот на Дубровник од страна на српските и црногорските сили. Еден од условите властите во Подгорица веќе го исполнија – го сменија името „Зоран Гопчевиќ“ на базенот во Котор како што бараше Загреб, зашто тоа лице било чувар во логорот во Морињ.
И покрај споровите, Хрватска досега даваше согласност за напредокот на Црна Гора во преговорите за пристапување. Земјата привремено има затворено 21 од вкупно 33 преговарачки поглавја.
Било која земја-членка може да го блокира македонскиот јазик како официјален во Европската Унијата, кога некогаш би станале дел од европското семејство. Како што едногласно се одлучува за прием на нова земја во Еу, така и одлуката за јазичниот режим на Унијата се носи едногласно, што значи дека секоја земја членка има можност да се спротивстави на воведувањето нов официјален јазик.
– Ваквите најави на Брисел со кој на новите членки не им се дава гаранција дека официјалниот јазик ќе стане и службен во Унијата ги урива тврдењата на СДСМ дека македонскиот јазик е загарантиран со преговарачката рамка, остро реагира пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во никој случај постоењето на македонскиот јазик не е доведено во прашање, му одговори пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска. Потенцира дека новиот јазичен режим од работниот документ на Брисел изрично не го споменува македонскиот јазик, но едногласноста во одлуките постои.
Брисел предупредува дека воведувањето нови официјални јазици во ЕУ бара години подготовки, обучени преведувачи и значителни финансиски средства. За јазиците од Западен Балкан дополнителен предизвик биле и ограничените податоци за вештачка интелигенција и навремениот превод на европското законодавство.
28 Oct 2026