ЕУ почна да го составува пристапниот договор со Црна Гора, а Македонија исчезна од агендата на Марта Кос

Амбасадорите на земјите членки на Европската унија го поддржаа формирањето на ад хок работна група која ќе почне со работа на нацрт-договорот за пристапување за Црна Гора, земјата која најмногу напредна во пристапниот процес. Од кипарското претседателство рекоа дека вложиле големи напори за да обезбедат формирање работната група што е можно побрзо, особено имајќи ја предвид долгорочната техничка работа што треба да се заврши пред самиот почеток на изготвувањето на договорот за пристапување. 

Црна Гора ги отвори сите поглавја од преговорите и затвори 14 од нив. Еврокомесарката за проширување Марта Кос најави дека ќе презентира финансиски пакет за Црна Гора за еден месец.

Воедно таа во Европскиот парламент ги наброја земјите кои напредуваат на патот кон ЕУ и тие што не напредуваат, но ниту во една од тие две групи не ја спомена Македонија. А ги спомена дури и Косово и можната кандидатура на Исланд (таму ќе има референдум на 29 август дали да ги обноват преговорите со ЕУ од кои самите се беа откажале). 

– Сакам јасно да ставам до знаење дека ако Исланѓаните одлучат да се движат кон целосна интеграција во ЕУ, Унијата ќе биде подготвена, рече Кос, обраќајќи им се на скептиците кои не веруваат дека ќе има ново проширување. 

Зборувајќи за кандидатите, таа посочи дека Украина и Молдавија најбрзо ги прават реформите, дека Црна Гора затворила 14 поглавја и дека брзо ќе почнат разговорите за пишување на Договорот за пристапување, дека Албанија отворила шест поглавја и дека напредок покажало и Косово, иако не е на лентата за преговарање.  

– Минатата недела им пишав на властите во Западниот Балкан да ги забрзаат своите реформи – или нивните граѓани ќе изгубат. Планот за раст е строго базиран на перформанси и временски ограничен. Во моментов, повеќе од 700 милиони евра се изложени на ризик трајно да бидат изгубени низ целиот регион ако реформите не се завршат до јуни 2026 година или декември 2026 година. Сè повеќе сме загрижени за тоа што се случува во Србија, нагласи Кос. 

За тие што ќе влегуваат во ЕУ таа им посочи дека приемот ќе биде заштитен со заштитни механизми, таканаречените „safeguard clauses“. Вакви мерки делумно беа применети и за Бугарија и Романија.

– Лекцијата научена од 2004 година е дека ни требаат заштитни мерки што ќе обезбедат новите членки да се придржуваат до правилата и дека интегритетот на нашата Унија е обезбеден, дури и по 5, 10 или 20 години. Идните договори за пристапување ќе треба да вклучуваат заштитни мерки што се веродостојни, ефикасни и способни да се применат доколку се појават сериозни недостатоци по пристапувањето, најави Кос. 

Според неа, Договор за пристапување на Црна Гора треба да биде првиот од новата генерација, а вклучувањето на овие заштитни механизми нема да значи дека се поставуваат дополнителни услови за земјата. 

– Но, ако земјите се вратат назад во нашите основи, како што се демократијата и владеењето на правото, заштитните мерки мора да бидат ефикасни и секогаш мора да можеме да ја заштитиме нашата Унија, порача Кос.

Останати вести