На Македонија и се заканува цунами од пресуди од Стразбур – можеби до A$1.5 милијарди?!?!

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве објави дека државата може да се соочи со пресуди да исплати вкупно над милијарда евра од Стразбур?!?! Оваа негова изјава првично беше дочекана во јавноста со неверување, со оглед на тоа што досега од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур пресудите против Македонија речиси без исклучок биле поради пропусти восудските процеси или за повредени човекови права. За пресудите од првата категорија обесштетувањата досега биле најмногу до 20.000 евра додека најголема отштета од редот на вторите беше во случајот на Ел Масри (уапсен во 2003 и држен тајно во Македонија по налог на ЦИА), на кого државата во 2014 мораше да му исплати оштета од 60.000 евра.

Сепак, малку подетална анализа на случаите покренати пред Европскиот суд открива неколку факти: дека сè повеќе и повеќе граѓани и компании бараат правда во Стразбур, и дека сега со правосилни пресуди се исправаат сите неправди од долгото нефункционирање на државата, т.е. од импровизацијата.

Пресвртна точка беше пресудата минатата година на Стразбур кога во случајот „Насков и други против државата“ пресуди дека на тужителите им било нарушено правото на сопственост, бидејќи веќе донесена одлука за денационализација на имот на терен не била спроведена, односно некоја градежна компанија си градела, а Владата се правдала дека одлуката е неспроведлива, па ја поништила. Тоа поништување, т.е. импровизација од денационализација, ја чини државата, т.е. граѓаните, сега 774.000 евра на име на оштета, плус пресметка на камата зашто сопствениците, иако имале решение во рака, не можеле да го користат имотот. 

И ова е очигледно само најава на лавината што ѝ се заканува на државната каса,  според стравувањата на премиерот Мицкоски. Според информациите лани Македонија изгуби четири случаи во Стразбур за цела година, а од јануари до април 2026 веќе изгуби четири. Се повеќе се таложат случаи од Македонија во Стразбур кои, според податоците на ЕСЧП, во 2025 надминале 500. Во текот на 2024 ЕСЧП имало 481 апликации против Македонија а во 2023 година биле 340. 

Бројката се проценува како „огромна“, со тенденција да расте и натаму, што конечно го запали црвениот аларм во Владата, која за тоа расправала на седница.

Спорен член од времето на Груевски кога државата сакаше да наплаќа ама себеси се „заштити“ да не плаќа

Откако државата ја ратификуваше Европската конвенција за човекови права (април 1997), Европскиот суд за човекови права има донесено 212 пресуди и 566 финални одлуки за допуштеност и одлуки за симнување на апликации од листата на предмети пред Судот во предмети против  Македонија.

Но она што ја прави ситуацијата опасна за државната каса не е бројката на предмети, туку причината заради која се бара правда во Стразбур. А, тоа е фамозниот член 218 од Законот за извршување (донесен 2016) со кој државата се заштити – извршителите можат да брцнат во сите сметки на граѓаните, ама не можат да ги наплатат долговите од државата, државните претпријатија или општините (се што се финансира од Буџетот) ако надлежен орган објави дека „нема такви пари“. Во тој член стои дека „не може да се спроведе извршување за наплата на побарувања (кај јавни претпријатија и други државни органи) доколку средствата се неопходни за вршење на нивната дејност“. Практично, со закон се штити јавашлукот на јавните претпријатија и државните органи кои можат да трошат, да нарачуваат и да не плаќаат побарувања, бидејќи извршителите ништо не им можат, дури и кога ќе се изречат судски пресуди. Во времето кога се донесе тој закон владата на Никола Груевски имаше потреба само да инкасира, ама никако не сакаше да исплаќа.

Уште веднаш имаше преупредувања кон што води ваквиот член 218, па дури имаше обид за автентично толкување во 2018 година. Сега (од 2024) постои предмет пред Уставниот суд за неговата уставност и се чека одлука.

Но тој јавашлук што се практикува со децении практично сега им се удира од глава на државните органи, така што Владата е сосема свесна и затоа побарала да се направи точна проценка колку должи државата на компаниите, за да се платат тие обврски пред да дојдат со камати и со судски трошоци од Стразбур. 

А, дека тоа сигурно ќе се случи се сфатило од пресудата во корист на „АД Осигурителна полиса Скопје и други против Македонија“, во случај во кој тужеа десет фирми преку речиси сите осигурителни компании во државата за дури 37 неисплатени побарувања. На крајот осум фирми се спогодија околу надомест на штетата , а за две осигурителни компании државата доби обврска да им го исплати на компаниите тоа што решиле судовите во Македонија, со камата и судски трошоци, со оглед на тоа дека побарувањата се од периодот 2013-2017 година. Кога ќе се соберат сите износи испаѓа дека од државниот буџет треба да се платат речиси 1.900.000 евра, при што главен должник е Јавното претпријатие за државни патишта.

Македонските фирми сега чекаат ред за да ја тужат државата во Стразбур

Има и други вакви случаи во процедура во Стразбур, при што вообичаено рокот до кога побарувањата треба да се надоместат е само три месеци. Последна таква одлука на Судот за човекови права е во случајот покренат од „Пуцко петрол“ против државата, при што компанијата се жалеше за неизвршување на судска пресуда за ненаплатени побарувања од државен студенски дом, повикувајќи се на Членот 6 за неизвршување на одлука. Сега треба да добие надомест од околу 75.000 евра од државата.

Знаејќи дека ЕСЧП кога ќе донесе одлука за одреден случај пото го користи тој урнек за сите слични предмети понатаму, јасно е дека сите што не успеале да наплатат средства од државните претпријатија, органи или институции, сега ќе си ги бараат парите на ваков начин. А принципиелниот став на Стразбур е дека „не може државен орган да се повикува на недостиг на средства“ кога има долг кон некоја компанија или извршител. 

Практично, Македонија сега има проблем да се усогласи со меѓународниот правен систем во кој правото на фер судење, на извршување на пресуди и на сопственост се неприкосновени. Огромната бројка на покренати случаи не е само финансиска закана за државата, туку фрла дамка и врз нејзиниот углед и функционалноста. Очигледно, пред да стане членка на ЕСЧП, најмалку што можеше да направи оваа и претходната и сите пред неа власти во државата, е да ги проучат случаите и грешките на земјите кои претходно станаа тоа.

Останати вести