Две нови книги за македонското културно наследство: „Спомени на Нерет“ и „Дијалектички речник на Нерет“

Издавачката куќа Политекон Публикации ги објави двете нови изданија „Спомени на Нерет“ од Ристо Катин и „Дијалектички речник на Нерет – од македонски на англиски јазик“ од Виктор Бивел, кои претставуваат придонес во зачувувањето на историското, јазичното и културното наследство на Македонците од Егејска Македонија.

„Спомени на Нерет“ е автентично сведоштво за животот во македонското село Нерет, сместено во Егејска Македонија. Авторот Ристо Катин, роден во селото во 1924 година и негов поранешен градоначалник, преку лични сеќавања го документира секојдневието на мештаните во периодот на диктатурата на Метаксас, Грчко-италијанската војна, Втората светска војна и Грчката граѓанска војна.

Во книгата се обработуваат и последиците од политиките на тогашната грчка држава, кои довеле до масовно иселување на Македонците од Нерет и од други села во северна Грција. Дел од мемоарите се посветени и на животните приказни на иселениците кои изградиле нов живот во Австралија.

Посебна вредност на изданието е што е напишано на говорниот македонски дијалект од Нерет, користејќи латинична азбука, со што текстот станува подостапен и за читателите од англиското говорно подрачје.

Како дополнување на ова дело е објавен и „Дијалектички речник на Нерет – од македонски на англиски јазик“ од Виктор Бивел. Речникот содржи повеќе од 5.000 основни зборови, додека во додатокот се евидентирани над 10.000 зборови, сите извлечени од „Спомени на Нерет“, кое претставува најобемниот досега објавен пример на неретскиот македонски дијалект.

Речникот е замислен како придружно издание што ќе им помогне на читателите полесно да го разберат дијалектот и јазичните особености на книгата, но истовремено претставува и самостојно дело што ја истакнува богатата лексика, оригиналноста и убавината на говорот во Нерет. Значењата се дадени на англиски јазик, додека македонските зборови се запишани со латиница, што го прави речникот особено корисен за англиското говорно подрачје.

Двете изданија се објавени од Политекон Публикации и се достапни како бесплатни електронски книги на веб-страницата на издавачот  pollitecon.com.

Останати вести