На 11 август 2026 година Австралија ќе го одржи својот национален Попис на населението и домувањето (Census 2026). Тоа е најголемото статистичко истражување во земјата, кое се спроведува еднаш на секои пет години и претставува прецизна слика за тоа кои сме, каде живееме и како се менува австралиското општество.
За македонската заедница во Австралија пописот има особено значење. Бројот на лица што ќе се изјаснат дека имаат македонско потекло, дека дома зборуваат македонски јазик, претставува официјален показател за големината и присуството на нашата заедница.Овие податоци не служат само за статистика.
Врз основа на нив државните и локалните власти планираат услуги и програми за различните етнички заедници, како што се образованието, здравството, преведувачките услуги, културните проекти и другите јавни потреби. Затоа е важно секој Македонец да одвои неколку минути и точно да ги пополни податоците за себе и своето семејство.Австралиското биро за статистика (ABS) нагласува дека сите информации дадени во пописот се строго доверливи и законски заштитени.
Личните податоци не се објавуваат и не можат да се користат за идентификација на поединци или домаќинства.И оваа година пописот најголем дел од граѓаните ќе го пополнуваат преку интернет, а за оние што немаат пристап ќе бидат обезбедени и други начини на пополнување. ABS најавува дека резултатите ќе бидат објавувани по фази, почнувајќи од средината на 2027 година.
Македонските организации, црковните општини и културните друштва веќе ги повикуваат своите членови активно да учествуваат во пописот. Исклучително е важно секој што има македонско потекло тоа јасно да го наведе во делот за потекло (Ancestry), да го запише македонскиот јазик како јазик што се зборува дома, доколку тоа е случај, и да ја наведе својата верска припадност.
Само со масовно и точно изјаснување ќе се добие реална слика за бројноста на Македонците во Австралија. Секој пополнет попис е придонес за зачувување на нашиот идентитет, јазик, култура и традиција за идните генерации.
Запомнете – на 11 август 2026 година секој одговор е важен. Вашиот попис е и глас за македонската заедница во Австралија.