Миле Терзиовски со сопругата Лиле, заедно со гувернерот Греам Хоуп и неговата сопруга Сузи.
Истакнатиот македонски активист, професор д-р Миле Терзиовски, повторно застана на чело на Ротари клубот од Карлтон. На свечената вечер одржана во Универзитетот во Мелбурн, тој одржа говор во кој ги презентираше стратегијата и целите кон кои ќе стреми клубот за време на неговиот мандат.
„Тоа беше жива и инспиративна вечер во Graduate House на Универзитетот во Мелбурн, каде што Ротари клубот од Карлтон го прослави примопредавањето на лидерството. Чест ми е што по вторпат бев инаугуриран за претседател на клубот. Благодарен сум на гувернерот на Дистриктот 9800, Греам Хоуп и неговата сопруга Сузи, на претходниот гувернер Питер Шеферд, како и на нашите членови, пријатели и гости ротаријанци од клубовите во Колингвуд, Ричмонд, Порт Филип, Гленфери, Морланд и Брајтон Норт. Зад нас е прекрасна ноќ на дружење и ротаријански дух, додека гледаме кон година исполнета со служба за создавање трајно влијание“, изјави професор Терзиовски.
Приказната за Ротари започнува со визијата на еден човек — Пол Харис. Овој адвокат од Чикаго го основал првиот Ротари клуб на 23 февруари 1905 година, со цел професионалци од различни области да можат да разменуваат идеи и да градат значајни, доживотни пријателства. Со текот на времето, досегот и визијата на Ротари постепено се проширија кон хуманитарната служба. Денес, членовите имаат долга и докажана традиција во соочувањето и решавањето на предизвиците во своите локални заедници, но и ширум светот.
Со глобално влијание денес Ротари е една од најголемите светски организации, а членството во неа се стекнува исклучиво со покана. Хуманитарната мисија на оваа организација е глобално позната — таа промовира интегритет, го унапредува светското разбирање преку лидери во заедницата и создава силни деловни и професионални врски.
Како неполитичка организација, Ротари не прави разлики врз основа на раса или верска припадност. Ширум светот постојат над 46.000 Ротари клубови, кои здружуваат повеќе од 1,4 милиони членови.