Целата атмосфера која се креираше во Бугарија околу Ива Михајлова, наводната репресија врз неа во Македонија и начинот на кој ја „однесоа“ во Софија е процес исткаен од директни лаги и мрежа на измами.
Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли тврдењата за наводен договор и ја повика бугарската страна веднаш да ги врати Михајлова и нејзиниот татко.
– Ако е тоа така договорено, ние ги бараме назад и неа и нејзиниот родител. Уште денеска нека ги донесат и да видиме дали е така договорено или не, изјави тој.
Премиерот повеќепати повтори дека двајцата ќе мора да се соочат со македонските власти.
– Ве гледам во очи и ви кажувам: кога-тогаш. И татко ѝ и таа ќе одговараат. Кога-тогаш, порача премиерот.
Ива Михајлова на 11 октомври утрото со сета медиумска помпа се појави во Софија, небаре се работи за спиноф на „Спасувањетона војникот Рајан“. Нејзе во Македонија и се суди за сообраќајна несреќа со смртни последици што се случила на 7 октомври 2025. Два дена подоцна по предлог на Обвинителството Судот во Кочани и ги одзел двете патни испрвави (македонската и бугарската), изречена ѝ е забрана за преминување на државната граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани и обврска да се јавува кај службено лице секој понеделник.
Македонскиот адвокат на Михајлова, Насер Рауфи, за „Вечер“ изјави дека и самиот бил изненаден од информацијата дека таа ја преминала границата и заминала во Бугарија.
– И јас сум затекнат. Утрината бев известен дека ја поминала границата, дозвола нема од Судот, само што сакавме да поднесеме ново барање бидејќи имаше најава од МНР дека ќе дошле лекари од Бугарија да ја прегледаат, изјави Рауфи.
Михајлова инаку за БТВ изјави дека „и баба ѝ и дедо ѝ во Кочани во последниот момент дознале дека таа решила да ја напушти Македонија“.
По нејзиното бегство во Бугарија, Основниот суд во Кочани на 13 октомври годинава ѝ определи и притвор. Истиот ден МВР распиша централна и меѓународна потерница по Ива Михаилова, а преку Интерпол – Скопје испрати и барање до Бугарија за нејзино апсење и екстрадиција.
Бугарското МВР потврди дека го примило барањето, но соопшти дека нема да преземе мерки за нејзино лоцирање, повикувајќи се на уставните одредби и правото да одбие екстрадиција на сопствен државјанин, без да објави формална одлука за одбивање. Бугарија има и официјална декларација депонирана во Советот на Европа со која изречно наведува дека ќе одбива екстрадиција на своите државјани.
Судењето против неа во Кочани со сигурност ќе продолжи, без разлика дали таа ќе се појави на следното рочиште закажано за 9 ноември. Ќе се донесе пресуда која ќе стане правосилна, но во мигот кога Ива Михајлова ќе стане достапна на органите на прогон на Македонија таа сепак ќе може да побара (и законски тоа е овозможено) судењето да се повтори во нејзино присуство.
Ива Михајлова со месеци наназад беше ѕвезда на бугарските медиуми како пример за наводно ужасниот третман на Бугарите во Македонија: „таму не им даваат ниту да се лекуват како што треба“. На судските рочишта доаѓаа тамошни пратеници, активисти, дури стана тема на разговори на највисоко државно ниво (Јотова упати писмо до Сиљановска-Давкова) за на крај на ниво на шефови на дипломатии да биде договорено тим бугарски лекари да дојде во Македонија и да ја прегледа целокупната медицинска документација па и самата Ива.
Е, во тој миг како да се запали сигналната лампичка во некои бугарски структури: „Ива ќе ја грабиме“. Девојката на која наводно „здравословното состојание“ (здравствената состојба) и опаднало, одеднаш на необјаснив начин, бодра како кукурек, се појави во Софија (дали ја криеле во багажник, дали ја пренесувале преку планински патишта…). Делеше интервјуа на секој чекор пред да влезе во клиничката болница „Пирогов“.
Според некои видео-снимки на социјалните мрежи од пред два-три месеца Ива во Македонија била на свадба, излегувала во кафетерии… воопшто нејзиното движење изгледаше сосема нормално. Болките и кочењето на нозете очигледно повеќе не и биле проблем зашто заздравила од повредата при сообраќајката. Упорното барање да замине за Бугарија на лекување се покажа дека бил просто трик со кој би побегнала од судењето.
Според официјални податоци на македонското МВР, излегување на Ива од земјата не е регистрирано на ниеден граничен премин. Впрочем, таа се наоѓа на „стоп-листата“ (со одземени пасоши – македонски и бугарски и забрана за преминување со лична карта). Исто така добиени се официјални податоци од бугарска страна дека таа не се појавила на ниеден граничен премин ниту при влез во Бугарија!? Така што нејзината приказна дека „на македонскиот граничен премин ja покажала македонската лична карта, а на бугарскиот бугарската“ – е уште една чиста лага. Филувана уште и со приказната дека небаре македонските гранични полицајци и салутирале, односно ја поддржале… дека барем 20 минути си прикажувале директно со Ива и нејзиниот адвокат – тоа е психолошка доразработка на лагата за да звучи поуверливо.
Згора на ова, според официјалните податоци на македонските гранични служби, адвокатот заедно со уште едно машко лице последен пат ја минале македонско-бугарската граница на 28 септември – цели две недели пред пребегот на Ива.
Како точно девојката од Кочани „се прибрала“ при татка си и мајка си во Софија засега останува неизвесно но очигледно границата ја минала нелегално. Се проверуваат сите можности, при што не се исклучува можноста тоа да го сторила во багажник на автобус, во гепек на патничко возило, на задно седиште на дипломатско возило, или пак преку дива планинска рута.
Бугарскиот адвокат Николај Димитров во Бугарија е познат како дел од организирана шема за извлекување пари од осигурителни компании при сообраќајни несреќи. Самиот признава дека оди по софиските болници и им се нуди на настрадани од сообраќајки да ги застапува при тужби. Потоа, во текот на судскиот процес на негова страна се појавуваа корумпирани вешти лица кои кажуваат сосема спротивни факти од вистинските, дури фалсификуваат фотографии од местото на настанот и менуваат изјави на сведоци.
Пред неколку месеци Николај Попов, татко на 12 годишното девојче Сијана кое загинало во сообраќајка – јавно на бугарска телевизија го обвини адвокатот Николај Димитров дека вработил боксер во својата адвокатска канцеларија за да го следи, а во истиот контекст изјави дека добил закани по живот и дека е следен од лица поврзани со како што рече „патната мафија“ во Бугарија.
– Тие делат милиони од сообраќајни несреќи, а една од тие адвокатски канцеларии беше вклучена во моето следење. Можат да наместат каков било случај што ќе посакаат, рече Попов.
Медиумите во Македонија се почесто нејзиното презиме го пишуваат „Михаилова“, веројатно поттикнати од тоа како визуелно стои на бугарски – „Михайлова“. Но оваа транскрипција на бугарски е за македонската форма „Михајлова“ со оглед на тоа што во нивната азбука нема буква „ј“ (неа ја заменуваат со „й“). Инаку, во бугарскиот си постои буквата „и“, така што Ива ни во Бугарија а ни во Македонија не е Михаилова туку само Михајлова
Ива Михајлова (23) е родена во Кочани и таму живеела до пред десетина години со мајката, бидејќи нејзиниот татко Симеон во 2014 година побегна во Бугарија за да се скрие од судскиот процес „Детонатор“ (во кој беше осуден на 12 ипол години затвор). Во Бугарија по извесно време му се приклучуваат сопругата и ќерката Ива. Па така таа живее, студира и работи во Софија. Оттаму доаѓа и нејзиното речиси совршено говорење на бугарски јазик – таа си е постојан жител на Бугарија.
Официјална Софија и во случајот со нејзиниот татко Симеон не сака да го испорача на Македонија.
Во почетокот на октомври 2025 година дошла во Македонија само за контролен преглед кај забар, како што има самата изјавено за бугарски медиуми. И тогаш се случува сообраќајката. Таа била во „поло“ со бугарски таблички и челно се судира со „рено сеник“ со скопски таблички во кои биле четворица работници на фирма за поставување ламинат. Сите се повредени во различен степен, со тоа што во болница починал совозачот на скопското возило Бесим Дурмиши од скопско Љуботен. Другите тројца во ова возило се од селото Трубарево.
Против Ива Михајлова е покрената судска постапка при што во обвинението стои дека таа возела 86км/ч во зона со ограничување на 60км/ч и навлегла 70 сантиметри во спротивната лента, што било причина за сударот. Две други вештачења, направени по барање на нејзината одбрана тврдат спротивно – дека ограничувањето на брзината било 90км/ч и дека скопското возило навлегло 70-90 сантиметри во нејзината лента. Во сите вештачења стои фактот дека од страната на скопското возило покрај патот имало полициска кола која проверувала документи на патничко возило, што значи дека тоа можеби вршело нивно заобиколување.
Препораката Ива Михајлова да го продолжи лекувањето во Бугарија произлегла исклучиво од фактот што таа имала бугарско здравствено осигурување, а не македонско. Ова за емисијата „Претрес“ го откри проф. д-р Иван Барбов, лекарот од Клиниката за неврологија кој од крајот на декември 2025 година ја следел нејзината здравствена состојба по сообраќајната несреќа.
Барбов објасни дека Михајлова при прегледите му кажала дека поседува македонско и бугарско државјанство, дека постојано живее во Бугарија и дека таму е здравствено осигурена. Според неговите зборови, токму тоа било главната причина да предложи понатамошното лекување да го продолжи во Бугарија, за да не биде изложена на дополнителни трошоци за приватни прегледи и испитувања. Кај него дошла со веќе направени снимки и извештаи од прегледи во скопската приватна болница „Систина“.
– Главната причина беше дека јас знам оти она има два пасоши, а има осигурување само во Бугарија и логично беше да предложам да го продолжи лекувањето во Бугарија, изјави Барбов.
Тој нагласи дека во моментот кога ја давал препораката не знаел дека на Михајлова ѝ бил одземен пасошот и дека постојат ограничувања за нејзиното заминување во странство.
Дополнително, лекарот откри дека предлогот за третман со пумпа не бил разгледуван на стручен колегиум, ниту била спроведена процедура за конзилијарно упатување на лекување во странство.
– Тоа беше само предлог од мене. Тоа не отиде на стручен колегиум од проста причина што таа не е македонски осигуреник. Конзилиум се прави само ако имаме македонски осигуреник кој преку Фондот за здравство треба да оди во странство на лекување, рече Барбов.
Михајлова првпат била хоспитализирана на Клиниката за неврологија на 28 декември 2025 година, а отпуштена на 31 декември. Потоа доаѓала на контролни прегледи, при што лекарите ја следеле нејзината состојба и ја приспособувале терапијата. Последен пат била на контрола во јули годинава, а следната била закажана за септември. Контролите биле закажувани усно просто бидејќи не можеле да се генерираат термини во „Мој термин“, зашто не е македонски осигуреник.
Министерот за здравство, Сашо Клековски, отворено изјави дека бегството на Ива Михајлова во соседна Бугарија е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум во Македонија, кој по проверката на нејзините наводи, вели, ќе утврдеа дека таму нема здравствен случај.
– Бегството е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум, тука. Тој требаше заедно со македонските лекари да ги провери наводите на лицето. Мислам дека тогаш ќе излезеа работите на виделина какви се, бидејќи во основа таму нема здравствен случај, оцени Клековски.
Министерството за надворешни работи на Македонија реагираше дека приемот на високо ниво на лице против кое се води судска постапка испраќа сериозно погрешна порака и дека националната припадност и поседувањето друго државјанство не смеат да служат како заштита од одговорност пред надлежните институции.
„Во врска со бегството на Ива Михајлова во Бугарија и нејзиниот прием на високо ниво во Софија, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија укажува дека ваквото постапување на бугарските државни институции ги подрива напорите што ги вложуваме за градење доверба и е спротивно на декларираните заложби за развој на добрососедските односи. За развојот на случајот, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе ги информира меѓународните партнери, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа. Ваквите постапки, за кои постојат и претходни примери, директно ја нарушуваат довербата меѓу двете држави и отвораат сериозни прашања за доследноста во почитувањето на заедничките европски вредности“, истакнаа меѓу другото од МНР.
Официјална Софија тврди дека немала никаква вмешаност во бегството на Ива Михајлова.
– Со негативниот одговор на бугарските власти за враќање на Ина… Ива Михајлова, најпрвин паднаa во вода координираните напади коишто доаѓаат oд таму и од нашата опозиција дека нешто било договорено. Имавме ние барање за потерница и очекувам едниот којшто е првостепено осуден, тоа е родителот на Ива, да биде вратен, а Ива да дојде и да ја докажува својата невиност пред судовите во Македонија. И ние имаме свои алатки, свои механизми како да се бориме на меѓународна сцена. Овој неуспешен обид нанесе голема дипломатска штета на владата во официјална Софија.
Ние имаме истрага и дозволете да ја завршиме истрагата, а потоа дел од тие докази што ги има прво ќе ги презентираме пред нашите партнери во НАТО, за да покажеме како партнерските земји во НАТО се однесуваат. Овој упад што е направен, буквално е киднапирано лице кое сега е бегалец од правдата, нема да заврши вака едноставно. Но, ние исто така нема да дозволиме да бидеме жртва на емотивни реакции и ќе продолжиме со она што е наш интерес, а тоа е процесот на евроинтеграции и нема да ги напуштиме преговорите, напротив, ќе ги засилиме нашите барања за средби, за дијалог и за барање решенија, изјави премиерот Христијан Мицкоски.




30 Oct 2026
28 Oct 2026