Град Скопје се откажа од 60% од комуналиите при изградба на куќа за брачни парови до 40-годишна возраст

Град Скопје ќе ги ослободи младите брачни парови до 40 години (тоа се новите 30 години :)) од плаќање на делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Градот при изградба на нивната прва семејна куќа.

– Успешната практика што ја воспоставивме во Кисела Вода, првпат во историјата на државата, сега ја пренесуваме и во Град Скопје. Со оваа мерка младите брачни парови до 40 години и самохраните родители што сакаат да изградат свој дом ќе бидат ослободени од делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Град Скопје, односно 60% од вкупните комуналии, за објекти во рамките на Генералниот урбанистички план на градот, истакна скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека доколку се приклучат сите скопски општини со ослободување и од својот дел (40%), оваа поддршка ќе достигне 100 % ослободување од комуналии! Затоа ги повика градоначалниците на скопските општини да застанат заедно зад оваа цел и на тој начин да им се олесни патот до сопствен дом на што повеќе семејства.

– Помалиот финансиски товар при изградбата значи повеќе средства за уредување на домот, за потребите на децата и за посигурен почеток на заедничкиот живот. Сакам младите тука да го градат својот дом, тука да ги растат своите деца и тука да ја гледаат својата иднина, нагласи Ѓорѓиевски.

Мерката ќе стапи во сила веднаш по објавувањето во службените гласила, а барањето за аплицирање ќе биде достапно на веб-страницата на Град Скопје.

Кои се условите?

Според одлуката, инвеститори мора да бидат двајцата брачни другари, треба да имаат склучено брак или барателот да има статус на самохран родител. Најмалку еден од брачните другари, односно самохраниот родител, да не е постар од 40 години во моментот на поднесување на барањето. Брачните другари, односно самохраниот родител, да немаат во сопственост друга станбена недвижност за домување, да градат прва семејна куќа за сопствени потреби. Проектираниот објект да има намена А1 – Домување во куќи и да содржи само една станбена единица до 120 квадрати.

За ослободување од комуналии, барателите до Град Скопје треба да достават барање за ослободување од плаќање на делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Град Скопје, извод од матичната книга на венчаните и копии од личните карти на двајцата сопружници, односно на самохраниот родител (со увид во оригиналите).

Треба да се приложат и уверенија од Агенцијата за катастар на недвижности за имотна состојба на двајцата сопружници, односно самохраниот родител, односно доказ дека немаат во сопственост друга станбена недвижност за домување на територијата на Македонија, како и доказ за поднесено барање за издавање одобрение за градење преку системот е-Одобрение за градење.

Колку би се заштедило?

Цената на комуналиите (надоместок за уредување на градежно земјиште) во Скопје во просек се движи од 80 до 120 евра (од A$130 до 195) по квадратен метар за подрачјата покриени со Генералниот урбанистички план (ГУП). Тоа теоретски значи дека за куќа од 120м2 (колку што е максимумот според предлогот за оваа поволност) целосното ослободување од комуналии би заштедило околу А$23,000.

Точниот износ зависи од општината каде што се гради, зоната на локацијата, како и од намената и квадратурата на самиот објект.

Централни и најатрактивни зони (Зона 1 и 2) се на пример Општина Центар, Карпош и Аеродром, каде цените се највисоки и достигнуваат околу 100 до 120 евра по м².

Во периферните и рурални средини на Скопје (како делови од Бутел, Гази Баба или соседната Чучер Сандево), цените се значително пониски и се движат од 6 до 30 евра по м².

Надоместокот за уредување градежно земјиште се наплаќа според тоа дали се работи за објект за домување или деловен објект. Ако е дом (куќа/стан) различно се наплаќа за квадрат за живеење, тераса, помошна просторија, подрум или гаража. Надоместокот за уредување градежно земјиште се плаќа и доколку на местото на стара куќа во која веќе се живеело се гради нов објект – во тој случај комуналиите се плаќаат само за разликата во квадратурата (јасно, доколку новиот објект е поголем од претходниот).

Останати вести