Австралијци прават џин со македонски боровинки

Австралиската мала дестилерија “Фор пиларс” (Four pillars) е меѓу најпознатите во светот. Kога се прави листа на најдобрите австралиски жестоки пијалаци често е на врвот.

Но она што го прави специфичен се состојките што доаѓаат од секаде во светот, а сопствениците, особено гордо ги споменуваат македонските боровинки. Освен боровинките, тајната на рецептот се и анасон од Виетнам, цимет од Индија и кардамон од Гватемала, како и локални растенија (тамошна лимонова мирта и лист од тасманско дрво кое расте само во Австралија), и чиста вода од долината. Овој рецепт неодамна беше награден со два златни медала на Светскиот натпревар за жестоки пијалаци во Сан Франциско.

Не ги менуваат снабдувачите

Kомпанијата “Фор пиларс” ја основале Kамерон Мекензи, Мет Џонс и Стјуарт Грегор за на светот да му ја пренесат пораката “Пијте подобро, не повеќе”. Токму затоа и нивниот џин е спакуван во мали серии. Го дестилираат во специјално направена дестилерија во долината Јара во Викторија. Дестилеријата си ја крстиле Вилма. Иако тројцата подолго време се страсни консументи на џин, тие доаѓаат од винската индустрија. Но сакале да направат повеќе за локалната индустрија на жестоки пијалаци. За да го испечат занаетот, посетувале дестилерии во САД. По многу читање, дегустирање и планирање, го огласиле бизнисот на интернет-страница за финансирање проекти и почнале да работат. Уште со првиот оглас продале 460 шишиња од џинот.
– Сакавме да го доловиме чувството на луксуз и уживање во дизајнот и сакавме нашето шише џин да можете гордо да го ставите на маса и да го споделите со други. Всушност, сакавме да создадеме модерна австралиска класика – вели Мет.
Неговиот колега Kамерон објаснува дека тајната на џинот се токму состојките, особено нивниот квалитет.
– Сакавме да измешаме европски боровинки, азиски зачини, неколку австралиски растенија и да го зачиниме тоа со медитерански шмек односно портокали што ги париме во ботаничка кошница. По неколку месеци дојдовме до оваа комбинација, и бевме воодушевени од резултатот. Имаме неколку снабдувачи на нашите состојки и внимаваме на нивната доследност како јастреби. Боровинките се од Македонија и од Германија, анасонот од Виетнам, циметот од Индија и кардамонот од Гватемала – додава Kамерон.

Тој советува на џинот со тоник да додадете портокал или црвен портокал за да се нагласи медитеранскиот вкус на нивниот џин, а зелениот лимон ги нагласува азиските зачини. Препорачува и негрони – еднакви дози џин, црвен вермут и кампари.

Останати вести