Австралискиот регулатор ги тужи директорите на пензиски фонд за загубите на илјадници пензионери: Директори обвинети за злоупотреба на 530 милиони долари

Австралиската комисија за хартии од вредност и инвестиции (ASIC) покрена судска постапка против поранешните директори на инвестицискиот фонд Shield Master Fund, обвинувајќи ги дека ги довеле во ризик пензиските заштеди на илјадници Австралијци.

Според регулаторот, повеќе од 5.800 инвеститоривложиле над 530 милиони австралиски долари во фондот, кој бил управуван од компанијата Keystone Asset Management. Од таа сума, околу 305 милиони долари биле префрлени во поврзан фонд за развој на недвижности, а потоа и кон компании поврзани со двајца од директорите. ASIC тврди дека средствата биле користени за неовластени намени, без соодветни гаранции, проценки на вредноста на имотот и без соодветен надзор.

Во најновите судски документи се наведува и дека меѓу април 2022 и декември 2023 година речиси 65 милиони австралиски долари биле исплатени на компании специјализирани за привлекување нови клиенти („lead generators“). Според ASIC, овие компании користеле агресивни маркетиншки и продажни трикови за да ги убедат граѓаните да ги префрлат своите пензиски заштеди во Shield Master Fund.

Регулаторот тврди дека не биле управувани ниту судирите на интереси, а инвеститорските средства биле исплаќани и на поврзани лица без потребното одобрение. Тужбата е поднесена против поранешните директори Пол Чиодо, Илија Фролов и Марк Јорстон, како и против поранешните членови на комитетот за усогласеност Џереми Данон и Илија Фролов. ASIC бара изрекување високи казни и забрана обвинетите во иднина да извршуваат директорски функции.

Претседателката на ASIC, Сара Корт, изјави дека случајот претставува сериозен пример за лошо управување со пензиските заштеди на Австралијците.

„Инвеститорите имаат право да очекуваат нивните средства да бидат внимателно управувани. Наместо тоа, стотици милиони долари од пензиски заштеди биле префрлани кон поврзани субјекти без основни заштитни механизми, изложувајќи илјадници луѓе на значителен финансиски ризик“, изјави Корт.

Во меѓувреме, ликвидаторите на фондот успеале да обезбедат речиси 200 милиони австралиски долариод продажба на дел од средствата, а судот разгледува нивна привремена распределба кон оштетените инвеститори. Дополнително, во тек се постапки за обезбедување на уште околу 158 милиони долариимот за евентуално обесштетување. Дел од инвеститорите веќе добија компензација преку спогодба со финансиската групација Macquarie, која исплати 321 милион австралиски долари на околу 3.000 клиенти.

Колапсот на Shield Master Fund е еден од најголемите финансиски скандали поврзани со пензиските инвестиции во Австралија. ASIC моментално води повеќе од 26 истраги поврзани со Shield и сродниот фонд First Guardian и најавува дека ќе следуваат нови постапки против лица и институции за кои постои сомневање дека придонеле за загубите на инвеститорите.

Останати вести