Истражување: Како функционира скриениот систем во здравството,кај специјалиститеима најмногу корупција

Иако 93.8% од граѓаните тврдат дека не понудиле поткуп во последната година, секојдневните искуства ја разоткриваат вистинската слика: луѓето одат на лекар однапред подготвени да платат – ако треба, и со кредит. „Битно е нешто да понудиш“, сведочи еден од учесниците во истражувањето на граѓанското Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ).

Во изминатите месеци било спроведено истражување помеѓу населението во Македонија во две форми: КАТИ (телефонско) истражување и фокус групи. Биле опфатени вкупно 1.240 лица. Додека фокус групите биле фокусирани исклучиво на жени, телефонското истражување ги опфаќало и двата пола.

Еден од главните заклучоци е дека  корупцијата во здравството е нормализирана појава, пациентите често не ја препознаваат и речиси никој не пријавува. Иако мнозинството испитаници ја перцепираат како сериозен проблем, само мал дел потврдуваат дека се соочиле со корупција во пракса. Впечатлив е податокот дека ниту еден од испитаниците кои изјавиле дека им била побарана корупција не го пријавил случајот.

„Ние реагираме со ќутење, ако имаш ќе им дадеш. Детето мое имаше коскен тумор. Одам во нервохирургија, докторот ми вели дека снимката не била добра, да го снимам во Скопје и го прашав докторот ако треба да се плати, кажи ми. Потоа појдов кај друг доктор, и тој истото ми го рече и се вратив кај првиот доктор.

Мажот ми појде во еден кафич и му ги даде парите на докторот. Откако му ги дадовме парите, веднаш се најде термин за операција, а претходно ми велеа дека нема термин, нема анестезиолог“, е еден од примерите за мито кои граѓаните ги навеле во истражувањето за корупција во здравството на ЕСЕ.

– Непријавувањето на коруптивните практики од страна на граѓаните најчесто е резултат на страв од негативни последици, губење на пристап до здравствените услуги или одмазда“, вели Дарко Антиќ од ЕСЕ.

Граѓанките кои учествувале во истражувањето велат дека корупцијата во здравството има многу лица: 62.7 % од оние што лично имале искуство со корупција признаваат дека им бил побаран или сами дале пари, 20.3 % спомнале подароци, додека 13.6 % упатување на преглед во приватна установа или барање за купување специфични лекови или препарати.

Мал процент пријавиле неформални плаќања за услуги кои треба да се бесплатни (6.8 %) или обврска за лична помош или услуга (5.1 %). 

Овие бројки откриваат дека директните плаќања се најчестата форма на корупција, но дека и подароците или „услугите“ од страна на пациентите се дел од широко распространети практики, кои често се сметаат за нормални.

Една жена раскажува како по породувањето купиле храна за медицинскиот персонал. „Од радост“, вели таа и додава: „тие ни беа врска“.

Иако директното барање поткуп е ретко формализирано, граѓаните велат дека е „јавна тајна“: „Не даваат конкретни термини… демек кога има, ќе ви јават. Ама кога ќе дадеш подарок, место ќе се најде за два дена. Од лично искуство зборувам. Директно никој не бара. Ама за да добиеш услуга, треба да си платиш.“ Специјалистичките услуги се најподложни на вакви практики – 59,3 % од испитаниците пријавиле искуство со корупција токму при контакт со доктор специјалист, додека оперативни или хируршки зафати се на второ место со 33,9 %, а болничко лекување со 32,2 %. Иако помалку застапени, случаите со гинекологија (11.9 %) и услуги поврзани со бременост (3.4 %) откриваат дополнителни бариери и ризици за жените.

– Во најнеповолна ситуација се пациентите кои имаат потреба од брзо обезбедување термини, дијагностички услуги и хоспитализација или оперативни зафати. Според искуствата на граѓаните, ваквите услуги често не се добиваат, или не се обезбедуваат во соодветен временски рок, сè додека не се плати поткуп, изјави Борјан Павловски од ЕСЕ.

Најмалку, но исто така загрижувачки, е откритието дека одреден број здравствени работници барале интимни или сексуални услуги како услов за добивање здравствена грижа – три испитанички (0.3 %) пријавиле вакво искуство, секој во различен тип услуга: една при посета на матичен лекар, една при специјалистички преглед и една во рамките на гинеколошка услуга. Во сите три случаи начинот на побарување најчесто бил невербален, преку алузии или недвосмислени насоки. Ниту еден од овие случаи не бил пријавен, што ја потенцира немоќта на пациентките и недостатокот на доверба во институциите.

Останати вести