Mакедонија го одбележа Денот на државноста – 2 август односно Илинден. Денот на овој христијански светец има двојно значење за Македонија. На Илинден пред 123 години во границите на Република Македонија е кренато револуционерното востание против отоманското ропство, крунисано со Крушевската Република, а пред 82 години е одржано Првото заседание на АСНОМ кога практично е формирана денешната држава.
Двата Илиндена традиционално се одбележуваат на неколку локации – Крушево, Пелинце и Скопје.
Централната манифестација секогаш е на Мечкин Камен, каде годинава се обрати потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски (спикерот Африм Гаши си најде да биде на конференција во Каиро).
Претседателката на Републиката Гордана Сиљановска-Давкова го предводеше одбележувањето во Скопје, каде положи цвеќе пред спомениците на АСНОМ и на Методија Андонов – Ченто.
– Илинден нè обврзува да бидеме достојни и одговорни наследници, а не само благодарни потомци, порача таа.
Свеченост се одржа и на Пелинце каде обраќање имаше премиерот Христијан Мицкоски.
– Нашата генерација има поинаква, но не помалку тешка задача – да ја зачува државата силна, да ја направи просперитетна, праведна и повторно да ја направи земја во која луѓето ќе веруваат дека вреди да се остане, да се работи, да се создава, да се основа семејство и да се гради иднина тука. Дома, во својата татковина, порача Мицкоски од Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.
Во чест на Илинден, Србија го затвори граничниот премин кај манастирот „Св. Прохор Пчињски“ за да нема движење на туристи по патот.
Во 1903 година на Илинден (20 јули по стар стил) околу 800 востаници го ослободиле градот Крушево и прогласиле Република, а по два дена Никола Карев станал нејзин претседател. Крушевската република траела 10 дена по што 18-илјадна османлиска војска тргнала да ја врати власта во Крушево. Последната битка е водена на Мечкин Камен каде загинува Питу Гули.
Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ кај Куманово, исто на Илинден (сега веќе на 2 август откако од 1 јануари 1919 во Југославија е прифатен грегоријанскиот календар) 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ на кое се донесени неколку документи: прогласена е македонска држава (која ќе влезе во федерација на Југославија), воведување на македонскиот јазик за службен и Декларација за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров како најстар делегат, а Методија Андонов-Ченто е избран за претседател на Президиумот на АСНОМ.