Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова постхумно го одликува д-р Анастас Коцарев со Орден „Илинден – 1903 година” за неговиот исклучителен придонес во медицината и во борбата за независна Македонија..
Во своето обраќање таа истакна дека постхумното одликување на Анастас Коцарев претставува чин на исправување на историската неправда, но и можност државата да се самопотврди преку делото на научник од светски ранг. Претседателката укажа дека со ова признание „заборавениот Македонец” станува незаборавен и најави дека куќата во Охрид каде што Анастас Коцарев е роден ќе добие симболично обележје.
Коцарев (Охрид, 1890 – Париз, 1931), бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата, соработувал со нобеловката Марија Кири и истовремено активно се залагал за македонската кауза преку студентските и политичките друштва во Швајцарија и во Франција.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека признанието ѝ е повеќе потребно на државата отколку на самиот Коцарев.
– Впрочем, нам ни е повеќе потребна наградата одошто нему, оти медицинскиот великан и луцидниот општественик кој бил далеку пред времето, ја легитимира малата држава како татковина на научникот од светски глас, со којшто се гордееме, кого го почитуваме и наградуваме, рече таа.
Таа додаде дека неговата личност е симбол на спојот меѓу науката и патриотизмот.
– Коцарев е синоним за синергија меѓу прекрасниот ум, продорната мисла и храброто дејствување. Тој не е само македонски, туку и француски, швајцарски и светски научник. Со оваа постхумна награда и со обележјето на куќата во која што е роден ќе го вратиме Анастас Коцарев дома. А Охрид ќе добие уште еден великан, дополни претседателката.
Од името на семејството и Здружението на заборавени Македонци, Соња Коцарева Трпезановска нагласи дека признанието е чин на враќање на Коцарев во македонскиот Пантеон на вечноста.
– Денес овде кога душата ни е преполна со радост и гордост што присуствуваме на овој настан со кој после долги години се оддава највисока почест на еден светски признат научник и голем патриот, ние потомците на д-р Анастас Коцарев одлучивме овој орден да го отстапиме на музејот во Охрид заедно со неговата слика со оригиналниот потпис. Иако долги години работеше во Швајцарија и во Франција, неговата најголема желба беше да се врати во Охрид. Се надевам понатака државата ќе направи напори за негово конечно враќање во Македонија во неговиот сакан Охрид, каде секоја година достоинствено ќе го чествуваме, посочи таа.
Орденот „Илинден – 1903 година“ е едно од високите државни одличја на Република Македонија, кое го доделува претседателот на државата. Востановен е во чест на Илинденското востание од 1903 година и се доделува за исклучителни заслуги во борбата за национално и социјално ослободување, за придонес во изградбата на државноста, суверенитетот и независноста, како и за јакнење на општествениот и државно‑правниот развој. Орденот може да се додели и постхумно.

Анастас Коцарев е роден во богато семејство од Охрид. Основно образование стекнал во Охрид, а гимназија завршил во Солун. Татко му, кој бил банкар и земјопоседник, го финансирал неговото образование со продажба на дел од својот имот.
Коцарев се стекнал со диплома по онкологија од Универзитетот во Женева. По студиите, работел како доктор и вонреден професор по онкологија на истиот универзитет. Оваа област го привлекла бидејќи рано ја загубил мајка си токму од канцер.
Коцарев напишал важни научни трудови засновани на неговите истражувања користејќи го хемискиот елемент радиум, кој го инјектирал во канцерогени ткива за дијагностички и терапевтски цели.
Неговиот прв истражувачки труд е објавен во 1914 година, а неговата прва книга, напишана заедно со Алфред Фроментин – „Теорија на биосоцијалната природа на сомот“, е објавена во 1916 година во Париз.
Истражувањето на Коцарев на Медицинската академија во Сорбона го носи до соработка со светски познатиот хемичар и добитник на Нобелова награда, прво по физика, а потоа и по хемија, Марија Склодовска-Кири. Во својата монографија, Коцарев ја изразува својата длабока благодарност до својот „ментор и соработник“ Марија Кири.
Освен што бил посветен на медицината, Коцарев бил посветен и на македонската кауза. Во тоа време Женева е место каде што често доаѓаат многу македонски студенти и патриоти. Во 1915 година, Коцарев се погрижи за обновување на академското здружение наречено „Македонија“, кое било формирано по Илинденското востание. Здружението е продолжение на здружението формирано од студенти по потекло од Македонија и Одринско.
Коцарев, кој уживал почит меѓу професорите и видните личности од Женева, бил избран за претседател на здружението чија водечка идеја е да се поддржи создавањето независна Македонија и можна балканска федерација.
Коцарев ги обединил македонските здруженија „Македонија за Македонците“ (формирана од студенти во Цирих) и политичкото здружение „Македонија – за одбрана на правата на македонскиот народ“ (од Лозана) во едно – „Здружението на Македонците за независна Македонија“ во 1918 година. Како такво побарале нивни три члена да ги претставуваат интересите на македонскиот народ на Мировната конференција во Париз – но не биле прифатени.
Активноста на Коцарев преку патриотските организации продолжила и по неговото преселување во Париз, каде што се преселил за да продолжи со своите истражувања на Медицинската академија.